По шеста титула во СЕХА: Вардар почнува против стариот „пациент“ Загреб

Во крајно невообичаени услови, по речиси година и половина од освојувањето на претходниот трофеј, Вардар од денеска влегува во пресметките кои би можеле да му донесат нов пехар во СЕХА лигата. По неколкумесечно одложување поради светската пандемија на коронавирусот, завршниот турнир на четирите најдобри екипи во регионалното натпреварување во Задар конечно дојде на распоред.

Вардар е комплетно променет состав, не само во однос на последното финале во Брест, туку и во однос на оваа сезона чија завршница е токму овој Ф4. Со изменет сопственичко-играчки кадар, Вардар против Загреб велгува во полуфиналето преку кое ќе се обиде да дојде до нова финална пресметка. Противник би бил победникот во полуфиналниот дуел меѓу Веспрем и Мешков Брест.

Фазата на загревање и на подготовки за новата сезона не беше сјајна за „црвено-црните“. Двапати губеа од локалниот ривал Еурофарм Пелуистер, а потоа и се изнамачија против Нексе во четвртфиналниот реванш за место на Ф4 турнирот.

&;

„Очекува тежок натпревар затоа што на вакви натпревари нема врска која во каква форма бил претходно или како игра. Секогаш е посебно да се игра на Ф4 и секоја екипа дава многу повеќе од тоа што се очекува. Ако ме прашате кој е фаворит на овој Ф4 не би знаел да кажам затоа што сите се подготвени и од првата до последната минута не може да се каже кој ќе биде поуспешен, но секако би сакал тоа да биде Вардар иако и противникот има големо искуство. Сакам мојата екипа да покаже се за што е способна“ – вели Тимур Дибиров кој го менува Стојанче Стоилов на капитенската позиција. Стоилов нема да биде дел од овие дуели поради позитивниот COVID-19 тест.

Загреб, пак, ќе се обиде да го разбие проклетството во полуфиналните пресметки против Вардар во СЕХА лигата. Претходно двапати, во 2012 и во 2016 година нашиот тим беше поуспешен во мечевите за пласман во финалето. Вардар има рекордни пет титули, Загреб една освоена во Скопје во 2013 година во финална пресметка против Вардар добиена по изведувањето пенали. Ланската титула, Вардар ја освои победувајќи го во финалето во Брест токму Загреб.

 

 

Се вчитува...