Со првата прозивка на шефот на стручниот штаб, Зоран Штерјовски денеска од 12 часот прилепска Победа означува почетокот на зимските подготовки.
Уште на првиот собир со тимот треба да бидат новите засилувања Војводиќ, Станиќ и Коњарски, а Бразилецот Рамон на тимот треба да се приклучи на 12. јануари. На првата прозивка денеска треба да се појави и петтото засилување за тимот во јануарскиот преоден рок, офанзивецот Зоран Даноски кој доаѓа од редовите на хрватскиот прволигаш Интер Запрешиќ каде ја мина изминатава полусезона.
Даноски изминативе години главно настапуваше на интернационалната сцена, покрај во Интер Запрешиќ, претходно и чешките Мост и Прибрам, а сега треба да биде сериозно засилување за „црвените“ во битката за опстанок во лигата.
Според најавите, првата фаза од подготовките ќе биде одработена во Прилеп, а од 27. јануари тимот се сели во Охрид каде ќе се остане до 7. февруари. Веќе се договорени и четири пријателски натпревари за време на зимските подготовки, и тоа на 25. јануари против српскиот Младост Лучани, на 27. јануари со Јавор Ивањица, на 29. јануари против Борац од Чачак и на 1. фавруари против босанскиот прволигаш Крупа од Врбас.
За време на престојот во Охрид планирано е одигрување на само уште еден пријателски натпревар, а по враќањето во Прилеп на 9. февруари ќе следи тест дуелот со Хоризонт Турново.
На стартот од пролетниот дел во Првата македонска фудбалска лига, на 19. февруари Победа почнува со пелагониското дерби против екипата на Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА