Македонската обојкарска репрезентација со победа од 1-3 во сетови на гостувањето кај Косово го почна настапот во групната фаза од Сребрената Европска лига. Во воведниот натпревар од прелиминарниот сегмент, македонскиот тим кон победата тргна дури откако изненадувачки го загуби стартниот сет со 25-20. Потоа нашите одбојкари ја презедоа контролата на мечот и доминираа во следните три сета за освојување на почетните бодови.
Загубениот прв сет се должеше пред се на слабиот прием кај нашата екипа која направи дури 12 грешки со што му овозможи на противникот и толку освоени поени. Косово всушност од напад, во првиот сет освои само 10 поени.
Сликата комплетно се промени во вториот сет кој нашите одбојкари го добија со 25-16. Освоија 17 поени од напад. Клучни беа капитенот Никола Ѓоргиев кој реализирае 10 и Владо Милев кој остана без поени во првиот, но запиша пет во вториот сет.
Во следните два сета, македонската репрезентација не дозволи воопшто дилеми околу тоа кој е подобар, третиот сет го освои со 25-17, а во четвртиот беше и подоминантна и му дозволи на противникот само 14 поени.
Во второто коло од групата, македонската одбојкарска репрезентација, в среда, ќе игра против Летонија во гости. Летонците исто така почнаа со триумф, славеа со 3-1 нагостувањето кај Австрија. Прв домашен дуел, за нашиот тим ќе биде пресметката со Австријците следниот викенд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА