Македонскиот прволигаш Победа ќе има ново раководство за пролетниот дел од првенството. Реструктуирањето започна со заминувањето на Гоце Ингилизов и поставувањето на Ирена Јакимоска за в.д.извршен директор на клубот, а денешната прес – конференција беше најавено дека нов претседател ќе биде Небојша Стојковиќ. За нов спортски директор на Победа ќе биде именуван Јане Николоски, поранешниот репрезентативен голман и член на Победа.
Прилепскиот клуб ќе работи и на анулирање на долговите, како и на доведување на нови фудбалери, но, сепак акцент ќе биде ставен на сопствената младинска школа.
„Конечно мислам дека сме на прав пат некој да го води клубот не за цели на некоја партија, не за лични интереси, туку за интересите на Победа. Ние имавме дефинирано одреден буџет кој што беше произлезен од најголемиот учесник во тој буџет, а тоа беше локалната самоуправа, врз основа на одлуката донесена на Општина Прилеп. Но, знаете дека имавме година на избори, настана промена на политичката структура на локалната самоуправа и поголема сума на средства не беа пласирани од тој буџет. Всушност долгот на Победа е еднаков на сумата која што требаше да биде платена од Општината. Но, на наше огромно задоволство сегашната локална самоуправа несебично ќе го поддржи клубот и можеби тоа беше иницијалната каписла за да јас ја прифатам оваа функција за да можам да направам нешто добро за клубот. Долгот во овој момент изнесува 3,2 милиони денари, за истиот веќе се разгледуваат ставките и ќе преговараме со доверителите на начин на исплата кој што ќе го вкалкулираме во буџетот“, истакна Јакимоска.
Идниот претседател Небојша Стојковиќ верува во подобри денови на клубот.
„Сакам да нагласам дека важноста на бизнис секторот во Прилеп, како што се Комфи Ангел, Прилепска пивара, Кабелнет, Жито Прилеп, Витаминка и Мермерен комбинат се од голема важност за прилепскиот фудбал. Без нивната поддршка фудбал во Прилеп можеби нема да постои. Што се однесува до моменталната состојба во клубот, мислам дека сме малку хендикепирани со тоа што неколку играчи ни заминаа, меѓутоа водиме преговори со четири нови играчи, со кои ќе бидеме конкурентни со некаде 80% од екипите во Македонија“, рече Небојша Стојковиќ.
Спортскиот директор Јане Николоски е подготвен за новата функција.
„Мислам дека со моето искуство како фудбалер можам многу да помогнам на оваа функција. Победа е клуб со традиција, клуб кој заслужува да биди многу подобро пласиран од она кај што е сега моментално. Ние ќе се потрудиме да го оствариме тоа во најкраток можен период. Околу играчкиот кадар, сигурно ќе доведеме вистински засилувања кои што ќе го подигнат квалитетот на нашата игра и дека победа во втората полусезона ќе биде рамо до рамо со најквалитетните екипи во Првата македонска фудбалска лига. Сигурно дека овие нови луѓе кои што дојдоа во Победа имаат свои приоритети и свои примарни цели, а тоа е стабилизација на фудбалскиот клуб Победа. Ние ќе се потрудиме оние работи кои што функционираа добро во клубот да продолжиме да ги работиме на ист начин, а можеби и подобро, а оние работи кои помалку добро функционирале да ги доведеме до совршенство или да грешиме што помалку. Се надевам дека комплетниот играчки кадар ќе го имаме во најскоро време. Во наредните 4-5 дена ќе бидеме комплетирани и шефот на стручниот штаб ќе има на располагање комплетна екипа, која што ќе можи да ја среди за пролетниот дел од првенството“, рече Николоски.
Фото: www.infokompas.com.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА