Навивачите на прилепска Победа оправдано стравуваа да не се повтори минатогодишната сезона по очајно слабиот есенски старт во новото првенство од единствената Втора фудбалска лига на Македонија. Се уште се сеќаваат кога нивните миленици беа на прагот на Третата лига-Југ па во бараж натпреварот со Куманово обезбедија второлигашкиот статус.
Во првите седум кола есенва Победа осои само четири бода. Го победи Борец со 5-0, играше нерешено со Беласица 1-1, заедно со четирите порази од Македонија ЃП, Брегалница, Башкими и Арсими. Се најде на дното на табелата и црвеното светло во клубот беше запалено. Како и минатата сезона, и во новата Победа има најмлад тим во Втората лига, нема пари за некои посериозни засилувања. Клубот и натаму се бори со големи финансиски проблеми, претседателот, нејзиниот поранешен фудбалер Благоја Гешоски мака мачи да најде некој денар за да функционира клубот. Сето тоа се одрази и на играта и резултатите, немаше атмосфера меѓу играчите и можеби токму поради сето ова, тренерот кој во првите седум кола ја водеше Победа, Јане Николоски, поднесе оставка.
Најмлад тренер во Втората лига
Победа се најде во ситуација во екот на есенското првенство да бара нов тренер. Па, клубот донесе одлука да му се даде шанса на нејзиниот поранешен играч Стојанче Дунимаглоски, помошникот на Николоски, кој пред три години ја заврши акативната фудбалска кариера токму во Победа, за која долго години играше. Со своите 33 години Дунимаглоски е сигурно најмлад тренер во Втората лига. Поседува „Б“ тренерска лиценца, аплицирал да полага и за „А“ и може да седи на клупата. Покрај за Победа, Дунимаглоски има играно и за 11 Октомври од Прилеп, Тиквеш, Напредок и Велазерими од Кичево.
Седнувајќи на жешката тренерска клупа Дунимаглоски речиси преку ноќ ги „разбуди“ играчите, екипата во наредните четири кола не можеше да се препознае, дојдоа и победите и Победа од дното се најде во средина на табелата со 13 бода. Беа победени Вардар од Неготино со 2-1, Новаци 1-0 и Вардарски дури со 6-2, со само еден пораз од Саса со 1-4.
„Да бидам искрен и јас не се надевав на ваква бодовна „жетва“. Мислам дека клучен момент беше моето тренерско деби на првото гостување против Вардар кога победивме со 2-1. Тоа придонесе да се врати позитивната атмосфера во клубот, младите играчи сватија дека можат да дадат многу повеќе на теренот, ја разбраа сериозноста на второлигашката конкуренција и се тргна на подобро. Сигурно дека овој успех, кој ги израдува нашите навивачи нема да не успие, ќе тренираме уште понапорно, не очекуваат уште три натптревари до крајот на есенската сезона, со Осогово во гости и Скопје и Детонит во Прилеп. Сега ни е потребна и поголема поддршка на нашите навивачи, верувам дека нема да изостане“ – ни изјави во телефонскиот разговор Дунимаглоски.
Прв голгетер и најмлад капитен
Победа има сигурно најмлад тим во Втората лига и најверојатно најмлад капитен бидејќи капитенската лента ја носи нејзиниот голман Антонио Столевски кој има само 21 година. Во изминатите 11 кола Победа го има и најефикасниот голгетер во Втората лига, Никола Талески кој има постигнато 10 гола. Покрај овие двајца фудбалери „костурот“ на тимот го сочинуваат и Бојан Ивчески, Мартин Андоновски, Давид Дебрешлиоски, Давид Јошески, Христијан Кукески, Стефан Спиркоски, Дарио Спиркоски, Матеј Ѓурчиноски и Давор Богоевски. Но тука се и Антонио Шемкоски, Мартин Талески, Марко Ристов, Марио Тасески, Димитар Шаркоски, Дамјан Ангеловски, Салим Арифи, Давид Паскоски, Крiсти Крајоски и Андреј Петрески, секогаш подготвени да помогнат и да играат во првиот состав кога е тоа потребно.
„Сега е малку полесно, избегавме од дното на табелата, верувам дека ќе има уште успеси. Сега е моментот и Градот финансиски да помогне, да се најдат повеќе спонзори, да се вратат што повеќе навивачи на трибините. Играчите нема да им останат должни со своите игри до крајот на првенството“ – вели претседателот на клубот, Благоја Гешоски.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА