Победа во топло-ладна игра на првиот тест со БиХ

Македонија забележа победа на првиот од трите натпревари против селекција на БиХ со 28-24. Тоа беше натпревар во кој нашиот национален тим имаше моменти на блесоци, но и значителни падови во играта – дуел од кој Лино Червар сигурно ќе извлече поуки во пресрет на мора да се истакне дека дел од најдобрите играчи не играа во текот на целата средба, но се покажа дека на оние помладите сепак ќе им биде повеќе време за адаптација и прикажување во највисоко ниво.
IMG_9518
Македонија го почна натреварот со Колев на голот, Талески, Миркуловски и Кире Лазаров на бековската линија, Столе Стоилов како прв пивот и Манасков и Георгиевски по крилните позиции. По почетните 2-2 одбраната почна да функционира беспрекорно, па со два гола на Кире Лазаров следеше водство од 4-2. При овој резултат Македонија промаши два пенали (Кире Лазаров и Манасков) пред Манасков да зголеми на 5-2. Серијата продолжи се до 8-2, кога гостите по пауза од десет минути го најдоа патот до мрежата на Колев. И двајцата селектори менуваа во таборот, но Македонија успешно го одржуваше ритамот, па стигна до предност од 12-4. Трајковски доби шанса на голот и нанижа неколку одбрани, но Босанците сепак заиграа нешто подобро и намалија на 13-8 на пет и пол минути до крајот на полувремето. Грешките во нашите редови зачестија, се потешко се правеше акција во противничката половина, па БиХ стигна и до 13-10. Дрогришки ја прекина серијата на противникот, потоа од седум метри прецизен беше Лазаров, за Миркуловски да погоди на пет секунди до крајот на полувремето, за конечни 16-11 по 30 минути игра во СРЦ „Кале“. 
IMG_9493
На стартот од второто полувреме на голот застана Никола Митревски, кој набрзина нанижа неколку интервенции. Предноста повторно се врати до највисоките плус осум (22-14), но потоа следеше нов пад во играта на нашиот национален тим. Предноста експресно се истопи, па Босанците дојдоа до сами три гола разлика (23-20), во период во кој Македонија воглавно на теренот беше со својот „резервен состав“. Експериментот со играч повеќе без голман не беше најсигурна варијанта бидејќи Босанците со неколку лесни погодоци дојдоа на -2 (24-22) на девет минути пред крај. По следниот период се играше гол за гол, не им беше дозволено на гостите целосно да се вратат и да стигнат до израмнување. Без оглед на одличната форма на нивниот голман Буриќ, рутински беше сведен крајот на натпреварот до конечни 28-24.
Дејан Манасков со седум погодоци беше најрасположен за стрелање кон противничкиот гол, два од седумте погодоци ги постигна од линијата за седум метри. Стоилов и Кире Лазаров постигнаа по пет погодоци, два помалку запиша Миркуловски. Никола Митревски ја потврди одличната форма со десет одбрани, Трајковски запре четири погодоци, Колев два.
На спротивната страна најрасположени за игра беа Вегар и Овчина со по четири погодоци додека Бенјамин Буриќ спречи 14 удари кон својата мрежа.
Македонија и БиХ ќе одиграат уште две пријателски средби во наредните два дена, но и двата ќе бидат од затворен карактер.

Се вчитува...