Екипите во кои настапуваат македонски интернационалци имаа половичен успех во првите натпревари од последното квалификациско коло во ЕХФ Купот.
Никола Митревски и Велко Марковски со романска Констанца која од клупата ја предводи Звонко Шундовски се блиску до пласман во групната фаза од ЕХФ Купот по гостинската победа против Малме со 22-23. Митревски имаше неколку клучни одбрани во последните десет минути во кои Констанца се избори за победа и гол предност пред реваншот на домашен терен. Македонскиот репрезентативец влезе во игра во 23 минута кога Констанца губеше со 9-5, романскиот состав потоа успеа да направи пресврт, а Митревски го заврши натпреварот со вкупно 13 одбрани.
Борко Ристовски со Бенфика ќе има многу потешка задача по поразот од Хановер со 41-36 на гостувањето во Германија во првиот меч од третото квалификациско коло во ЕХФ Купот.
Во Челинџ купот, Гоце Георгиевски со ЧСМ Букурешт славеше победа во првиот меч против кипарскиот Парнасос Строволу со 32-24 и е блиску до пласман во осминафиналето на ова натпреварување. Македонскиот репрезенативец постигна три гола во победата на ЧСМ Букурешт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА