Точно една година, по дуелот со Ерменија во Скопје на денешен ден 2021, од селекторувањето на Благоја Милевски на клупата на македонската репрезентација, низ кое Македонија го доживеа еден од најголемите успеси во својата историја. За првпат низ репрезентативното функционирање по 29 години фудбалска независност Македонија по триумф над европскиот шампион Италија се избори за финале за пласман на Светско првенство, што без сомнение, ако се погледне тежината на бараж-пресметките е момент кој засекогаш ќе остане запишан во аналите на македонскиот спорт. Веројатно, како добар мотив за секој иден спортски предизвик.
Кога статистички ќе се сумира изминатата репрезентативна година, согласно постигнатите резултати, Боби Милевски е и најуспешниот македонски селектор досега во историјата. Низ 13 натпревари на клупата на националниот тим е со шест победи, четири ремија и три порази, и вкупна гол-разлика од 22-13. И тоа, како прв селектор, чии натпревари се од официјален тип под капата на УЕФА, без ниту еден одигран пријателски натпревар. А, од нив, како ретко кој претходно, дури четири натпревари со селекции од самиот европски врв како Германија, Италија, Португалија, Романија… Веднаш зад него по резултатската успешност е Игор Ангеловски кој на првите 13 свои официјални натпревари заврши со шест победи, две ремија и пет порази и гол разлика од 23-16, а потоа е Ѓоко Хаџиевски на третата позиција.
„Со преземањето на селекторската функција во националниот тим основниот план и амбициja беше подготовка на тим во битка за ЕП во 2024 година. Но очигледно резултатите дојдоа и многу порано. Со пласманот во финалето на еден бараж за место на Светско првенство без сомнение Македонија го изненади фудбалскиот свет, но покажа дека умее со елитата“ – вели Милевски, осврнувајќи се на изминатата една година на клупата на македонската репрезентација.
Победата на Македонија над Италија од 0-1 во Палермо, којa силно одекна во светската фудбалска јавност, е без конкуренција најголемиот резултат на македонската сениорска селекција во историјата ако се знае тежината на самиот натпревар како полуфинале во бараж за Мундијал. Дуелот на Сицилија, а дополнет и со повеќе од квалитетното издание против Португалија во Порто, се сосема јасно моменти кон кои треба да тежнее фудбалскиот изглед во иднина.
Македонија, веднаш по тие два натпревари, стартуваше со новата сезона во Лигата на нациите во која останува повторно во обидот за прво место во групата и место во повисок ранг од Лигата на нации. Низ, повеќе од напорниот јунски собир и неадекватно промислените четири натпревари на УЕФА јасно е дека повеќе од разочарувачки е поразот од Грузија среде Скопје кој го отежна значително патот кон првото место. Сепак, се чини се промовираше и извесна промена на репрезентативната генерација со вметнување повеќе млади фудбалери пред кои во иднина, секако заедно со оние веќе стандардните, е и товарот на националниот дрес. Милевски овозможи деби во националниот дрес за Илиев, Тодороски, Серафимов, Фазлагиќ, Гроздановски, Етеми, Атанасов, Доријан Бабунски…, преку кои и се навестува извесна транзиција во следниот квалификациски циклус кон помлади сили.
„Добра придобивка од јунскиот собир секако е и тоа што добивме неколку млади фудбалери на кои може во иднина да се смета, а со своите изданија потврдија дека поседуваат репрезентативен квалитет. Тоа и тоа како е значајно, затоа што како репрезентација мора постојано да мислиме на иднината. Сепак, од друга страна, и како да се ‘лизга’ пред нас основата за квалитативно подмладување на националните тимови, а тоа е домашниот клупски фудбал. И дефинитивно, тоа треба да биде еден од фокусите на македонскиот фудбал во иднина како би биле одржливи и долгорочните репрезентативни цели и амбиции“ – вели Милевски.
Македонија веќе на крајот од септември ја очекуваат последните два натпревари од Лигата на нациите, против Грузија во Тбилиси и против Бугарија во Скопје. Без разлика на исходот од истите, веднаш потоа ќе биде подготовката за централниот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2024 кој треба да биде и главниот фокус на националниот тим.
СИТЕ НАТПРЕВАРИ НА МАКЕДОНИЈА ПОД ВОДСТВО НА МИЛЕВСКИ
Квалификации за СП 2022: МАКЕДОНИЈА – Ерменија 0-0
Квалификации за СП 2022: Исланд – МАКЕДОНИЈА 2-2
Квалификации за СП 2022: МАКЕДОНИЈА – Романија 0-0
Квалификации за СП 2022: Лихтенштајн – МАКЕДОНИЈА 0-4
Квалификации за СП 2022: МАКЕДОНИЈА – Германија 0-4
Квалификации за СП 2022: Ерменија – МАКЕДОНИЈА 0-5
Квалификации за СП 2022: МАКЕДОНИЈА – Исланд 3-1
Бараж за СП 2022 (полуфинале): Италија – МАКЕДОНИЈА 0-1
Бараж за СП 2022 (финале): Португалија – МАКЕДОНИЈА 2-0
Лига нации 2022: Бугарија – МАКЕДОНИЈА 1-1
Лига нации 2022: Гибралтар – МАКЕДОНИЈА 0-2
Лига нации 2022: МАКЕДОНИЈА – Грузија 3-0
Лига нации 2022: МАКЕДОНИЈА – Гибралтар 4-0
ВКУПНО: 13 6 4 3 22-13
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА