ПОБЕДНИЧКА Македонија, на ред е Германија

ЕКИПА на ЕП во Хрватска, 

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Македонската репрезентација ја забележа и втората победа во низа во групата Ц од ЕП 2018, овојпат над Црна Гора со резултат 29-28. Нашите ракометари се соочија со проблеми, но покажаа квалитет и карактер кога беше најважно, во самиот финиш создадоа предност што на крајот се покажа недостижна за противникот. Пласманот во следната фаза е веќе обезбеден, па сега со огромна самодоверба, но и без никаков притисок ќе излезат на мегдан со Германија в среда.

Македонија два пати поведе со по два гола разлика, 2-0 и 4-2, но недисциплината во нападот им овозможи на противниците набрзина да го свртат резултатот во своја полза. Раул побара тајмаут при негатива од 4-6 и веднаш го стави Миркуловски во игра на местото на Прибак. Црногорците стигнаа и до „плус три“ (5-8), но Миркуловски внесе сигурност и во нападот и во одбраната, па Македонија набрзина се врати, израмнувајќи на 10-10 во 19. минута, принудувајќи го селекторот Ѓукиќ да земе тајмаут.

Следеше одбрана на Борко Ристовски и асистенција за лесен гол на Манасков, за водство на Македонија од 11-10, по што Ѓукиќ го повлече голманот Симиќ и на негово место го уфрли Мијатовиќ. Проблемите настанаа по исклучување на Јоноски, кога Георгиевски испушти топка и му овозможи на Мијатовиќ да погоди „од гол на гол“ за ново водство на Црна Гора (13-14). Пред крајот на полувремето исклучен беше и Никола Маркоски, потоа и Дејан Манасков, а Црна Гора го искористи тоа за да ја одржи предноста и на одмор да замине со минимални 15-16.

Никола Митревски застана на голот на Македонија во второто полувреме откако Ристовски имаше четири одбрани во првите 30 минути игра. Сепак, имавме проблем во нападот, дури и со играч повеќе не реализиравме два напади, а капитенот Лазаров промаши пенал. Црногорците имаа 17-19, но Македонија во вистински момент заигра поцврсто во одбраната, па експресно го сврте резултатот за предност од 20-19. Кузмановски внесе енергија во нашата игра, постигна нов гол за 21-19 и изнуди уште едно исклучување на противникот (Пејовиќ), принудувајќи го Ѓукиќ на тајмаут. Нервозата кај противникот стануваше се поголема, па Липовина доби исклучување за неправилна измена, а Македонија со цепелинот на Филип Лазаров и голот од контранапад на Манасков поведе со 24-20, за еуфорија на „фалангата“ во „Арена“ во Загреб.

Судиите им дадоа шанса на нашите противници за камбек со престрогото исклучување на Јоноски, но капитенот Лазаров одигра одлично во одбрана, спречувајќи гол од противничката половина во периодот кога бевме без голман. Кире одигра одлично и на спротивната страна, реализирајќи за водство од 26-22. Црна Гора стигне до 26-24, потоа и до 27-25, по што Раул Гонзалес го врати Борко Ристовски на голот, откако Митревски имаше три интервенции за 23 минути игра.

Кризата стана сериозна, Црна Гора се приблиѓи на 27-26 и напад за израмнување, но Мирловски во вистински момент украде топка и реализираше од контранапад, за водство на Македонија од 28-26 на три и пол минути до крајот. Ѓукиќ го зеде и својот последен тајмаут, противникот намали на 28-27, а потоа во одбраната тргна со „фластер“ на Кире Лазаров. Кузмановски презеде одговорност и тргна на шут, но беше брутално фаулиран од Вуковиќ, кој заработи црвен картон.

И повторно како и против Словенија во клучен момент погоди Филип Лазаров, но потоа Манасков изгоре во желбата за победа, правејќи наивен прекршок за исклучување. Одбраната покажа арактер кога беше најважно, а печат стави Борко Ристовски со извонредна интервенција, за втора победа на Македонија на овој шампионат, изразена со конечни 29-28.

Филип Кузмановски беше најефикасен со пет погодоци, по четири постигнаа Манасков, Кире Лазаров и Миркуловски, додека три гола даде Филип Лазаров.

Македонија со овој триумф дефинитивно има пласман во следната фаза, каде ќе пренесе најмалку два бода, со можност на пренесување на четири доколку в среда славиме над Германија.

Се вчитува...