ПОБЕДНИЧКИ СТАРТ НА МАКЕДОНИЈА: Со три гола до три бода против Лихтенштајн (ВИДЕО)

ЕКИПА во Вадуц
Горан Бошев

Сигурен старт на Македонија во квалификациите за пласман на Мундијалот во 2026 година. Во првото коло нашата репрезентација триуфмираше на гостувањето во Лихтенштајн. Противникот можеби гарантираше лесни три бода, но мечот се одигра во многу лош момент од психолошка гледна точка за сите во нашиот репрезентативен табор, па затоа најважно беше само да се дојде до победа. Освен на некои моменти кога преку противнапади му дозволивме на противникот да го „види голот“ на Димитриевски, во текот на сите 90 минути низ целосна доминација, со три гола во мрежата на Бухел, Македонија го доби овој меч, и ја продолжи серијата на победи без примен гол. На крајот желбата за триумф беше поголема кај нашите фудбалери, и заслужена победа како загревање за дуелот во вторник против Велс во Скопје.

Македонија тргна офанзивно уште од самиот старт, со цел брзо да го отвори резултатот, и тоа им успеа. Сепак, вреди да се напомене дека во првите пет минути, Лихтенштајн играше агресивно, и не дозоли многу да се развива играта на нашата селекција.

Сепак, во 7. минута од средбата една долга топка од Алими до Миовски, кој од левата страна се најде во добра ситуација, го измами и голманот Бухел, но беше премногу косо, па во последен миг центрираше до Трајковски, кој со глава погоди во празната мрежа на излезениот голман на Лихтенштајн.

Македонија навидум ја имаше контролата на играта, но во 22. минута една голема грешка, можеше скапо да ја чини нашата селекција. Противнапад и продор на Пици кој шутираше опасно, Димитриевски кратко одби, топката се влечеше до гол линијата, па нашиот голман успеа во последен миг да ја скроти.

Убав гол постигна Миовски, но истиот беше поништен поради офсајд.

Миовски уште еднаш беше во добра шанса во 38. минута по центаршут на Чурлинов од десно, но со глава се обиде само во голманот Бухел кој лесно интервенираше. Три минути подоцна исто така Миовски се закани, но во последен миг Вајзер блокираше, па топката заврши во корнер.

Од тој корнер, Македонија постигна и втор гол, со кој уште по првиот дел се стекна со 2-0. Барди го изведе корнерот, а топката од првиот дирек се одби до Муслиу кој постави нога пред одбранбениот играч на Лихтенштајн, и во пад постигна гол за предност од 0-2 на полувремето. 

Пред стартот на вториот дел селекторот Милевски се реши да направи две замени, па од игра ги повлече Серафимов и Алими, а влегоа Илиевски и Атанасов.

Трајковски веднаш се најде во нова шанса да зголеми уште на самиот почеток на второто полувреме, но неговиот шут заврши за малку крај голот на домаќинот

Во 59. минута емотивен момент во Вадуц. Македонските навивачи оддадоа почит на 59-те жртви на трагедијата во Кочани.

На теренот доминацијата на Македонија продолжи, па во 65. минута од средбата Чурлинов влезе во шанса, но неговиот удар го одбрани Бухел.

Следуваше шансата на Тошевски, кој од супер позиција, сам пред голот на Лихтенштајн се обиде, меѓутоа Бухел уште еднаш спаси поубедлива предност на Македонија. Третиот гол, конечно, се случи во 84. минута од средбата. Бојан Илиевски од десната страна центрираше до Миовски, кој од волеј успеа да го совлада Бухел и, конечно, да го зголеми водството на Македонија од 0-3. 

Лухтенштајн во 89. минута можеше да ја казни грешката на Димитриевски, кој во обид да избие топка го погоди само Нотаро, но топката заврши само над голот.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026, 1. КОЛО

ЛИХТЕНШТАЈН – МАКЕДОНИЈА 0-3 (0-2)

Стадион: Рајнпарк во Вадуц. Гледачи: 3000.

Судија: Микола Балакин (Украина).

Стрелци: Трајковски 7’, Муслиу 42’, Миовски 84′

Ж. Картони: Хофер, Селе (Л) –  Серафимов (М).

ЛИХТЕНШТАЈН: Бухел, Волфингер, Трабер, Вајзер, Гепел (54’ Киндле), Хофер, Лихингер, Хаслер, Селе, Пици (62’ Нотаро), Салановиќ (62’ Саглам).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Зајков, Серафимов (46’ Илиевски), Муслиу, Алиоски (62’ Димоски), Чурлинов (81′ Трапановски), Алими (46’ Атанасов), Барди, Елмас, Трајковски (62’ Тошевски), Миовски.

Се вчитува...