Победнички старт на ТФТ во Гевгелија против Кожув

Кошаркарите на ТФТ со победа на гостински терен од 77-88 над Кожув ја отворија новата сезона во македонската кошарка. Гостите доминираа во најголем дел од натпреварот, па само за момент им оставија кратка надеж за евентуален позитивен исход на домашните кошаркари.

ТФТ уште во првата четвртина направи сериозна разлика, расположените Андреј Маслинко и Александар Костоски беа незапирливи за кошаркарите на тимот од Гевгелија, па по првите десет минути игра, гостите направија водство од 15-27. Во овој победнички ритам се продолжи до крајот на првото полувреме, па на пауза се замина со резултат од 33-49.

Во вториот дел на паркетот како да се појавија други играчи, овој пат улогите беа променети, кошаркарите на Кожув покажаа поголема сила и подобра контрола над топката, а грешките на гостите се редеа во низа. За момент домаќините намалија дури на шест поени разлика. Сепак, до крајот на третата четвртина кошаркарите на ТФТ за миг се вратија во игра и поведоа со резултатат од 59-69. Ваквата предност беше успешно сочувана и до крајот на мечот, па ТФТ со победа во Гевгелија ја започна новата сезона во македонската кошаркарска лига.

Влатко Граниќ со 23 поени ги предводеше кошаркарите на Кожув, кај гостите се истакна Ландриус ​​Хортон со 24 поени.

Се вчитува...