Македонскиот кошаркарски вицепрвак, МЗТ Скопје Аеродром имаше успешен почеток на премиерниот настапо во АБА 2 лигата. Триумфираше со 92-79 во „Јане Сандански“ над словенечкиот Хелиос во натпревар во кој имаше само една послаба четвртина.
Воведната четвртина им припадна на гостите со шест поени разлика откако МЗТ имаше водство само на почетокот. Во вториот дел, македонскиот вицепрвак со мини серија во средината од четвртина ја презеде предноста и на пауза замина со плус три поени предност. Овој сегмент му припадна на МЗТ со 22-13.
Добрата игра продолжи и на почетокот од вторто полувреме, веќе во 23 минута МЗТ имаше 13 поени предност (55-42). Потоа позитивата растеше се до максималните 15 плус во 27 минута од натпреварот. Пред крајот од третата четвртина, Хелиос успеа да намали на седум негатива, но МЗТ со нов налет си ја врати двоцифрената предност во пресрет на завршните 10 минути. Имаше 71-58 по 30 минути од средбата.
Последната четвртина донесе само потврда на триумфот на македонскиот тим кој достигна и максимални 18 поени предност.
Андрија Бојиќ со 22 поени беше прв стрелец кај МЗТ, Џејмс Водард постигна 19, Дамјан Стојановски запиша 16, Иве Иванов 13, а меѓу стрелците со двоцифрен број поени беше и Лестер Медфорд кој постигна 10.
Во второто коло, следната среда, МЗТ гостува кај Борац во Чачак.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА