Победничко деби на Тухел, Босанците до изненадувачки триумф во Букурешт

Европските квалификации за билетите за СП 2026 и официјално стартуваа денеска со шест одиграни натпревари, во пресрет на утрешната програма во која Македонија ќе гостува на селекцијата на Лихтенштајн.

Томас Тухел имаше триумфално деби на клупата на Англија откако „гордиот албион“ со Германецот на клупата славеше со 2-0 над Албанија. Луис Скели стана најмлад дебитант-стрелец во историјата на англиската репрезентација постигнувајќи го првиот погодок на мечот, а конечните 2-0 во вториот дел ги постави Кејн на асистенција на Деклан Рајс.

Фудбалерите на БиХ стигнаа до огромни три бода откако на гостински терен ја изненадија Романија со 0-1. Селекцијата што беше критикувана под водство на Саво Милошевиќ вечерва се прикажа во далеку подобро светло со Сергеј Барбарез на клупата, Босанците успеаја во 14. минута преку Гиговиќ да дојдат во водство, а потоа и да ја задржат минималната позитива до самиот крај.

Полска потешко од очекувањата славеше над Литванија со 1-0 со голот на Левандовски на девет минути до крајот, а Финска како гостин стигна до три бода против Малта (0-1) благодарение на погодокот на Антман во 38. минута.

Се вчитува...