Победникот е веќе познат – УЕФА ги објави финалистите за „Фудбалер на годината“

Карим Бензема е апсолутен фаворит за наградата „Фудбалер на годината“ што традиционално ја доделува УЕФА. Европската куќа на фудбалот овогодинешните награди ќе ги додели на церемонија на 25 август, паралелно со ждреката за групната фаза од Лигата на Шампионите. Денеска беше објавен списокот на финалисти, покрај Бензема тука се уште и Тибо Куртоа од Реал Мадрид и Кевин де Бруине од Манчестер Сити, но речиси и да не постои дилема дека големото признание ќе заврши во рацете на голгетерот кој го одведе Реал до титулата во Лигата на Шампионите.

Бензема беше незапирлив на голем дел од натпреварите, постигна клучни голови на дуелите со ПСЖ и Челси на патот до европската круна, завршувајќи ја сезоната со 15 погодоци во Лигата на Шампионите.

УЕФА го објави и списокот на рангирани од третото до десеттото место, па така четвртопласиран е Роберт Левандовски, пред Модриќ, Мане, Салах, Мбапе, Винисиус и Вирџил ван Дајк.

Финалисти во трката за признанието „Тренер на годината“ се Карло Анчелоти, Пеп Гвардиола и Јирген Клоп, но нема дилема дека италијанскиот стратег на клупата на Реал е апсолутен фаворит за оваа награда.

Се вчитува...