Почесна победа на одбојкарките на Работнички, струмичанки со втор пораз во Челинџ купот

Женските македонски клубови вечерва ги имаа своите настапи во одбојкарскиот Челинџ куп. Одбојкарките на Работнички по вчерашниот пораз од максимални 3-0 од естонски Рае, вечерва стигнаа до почесна победа за крај на настапот во ова натпреварување.

Скопјанки во реваншот против РАЕ славеа со 3-2, по сетови 25-19, 20-25, 14-25, 25-22 и 15-5 и со вкупен резултат од 6-3 го завршија својот настап во третото по ранг европско женско натпреварување.

Победата носи радост за одбојкарките на Работнички Скопје и за македонската женска клупска одбојка која по подолго време може да се пофали и со уште еден претставник по Јанта Волеј КВ кој остварил победа на европско тло. РАЕ Спортдикол поради подобар сет-количник продолжува во следната рунда, додека за нашиот вице-шампион со ова завршува европската сезона.

Дури четири одбојкарки во редовите на Работнички завршија со двоцифрен ефект – Тамара Стојанова со 19 поени, Антонија Баталаковска – 14 поени, Јана Балов – 11 поени и Ана Павлоска – 10 поени, додека Марија Василевска имаше девет поени.

Работнички Скопје сега ќе се фокусира на домашното првенство каде има одличен старт од четири победи во исто толку натпревари.

Одбојкарките на Струмица пак беа поразени со максимални 3-0, по сетови 25-15, 25-21 и 25-15. и во вториот меч против чешка Острава.

Се вчитува...