Почеток на крајот на Лигата на Шампионите: Гигантите формираат сопствена Супер-лига на Европа

Европскиот клупски фудбал од вечерва ќе го загуби својот препознатлив лик откако најголемите на „Стариот континент“ ќе и објават војна на УЕФА формирајќи сопствена Супер-лига на Европа. Станува збор за идеја чиј заговорник веќе подолго време беше првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез, кој успеа да најде партнери во американската компанија „Џеј-Пи Морган“, како финансиски покровител на стартот од натпреварувањето.

За вечерва во 21.30 часот е најавена прес-конференција на која ќе бидат обелоденети сите детали околу планираната организација на ова натпреварување, во кое сигурно ќе учествуваат Реал Мадрид, Барселона, Јувентус, Интер, Милан, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Арсенал, Челси, Ливерпул и Тотенхем. Ланските финалисти, германскиот првак Баерн и францускиот шампион ПСЖ одбиле да станат дел од овој проект.

Според првичните информации, УЕФА се заканува со автоматско исклучување на сите клубови кои прифаќаат да бидат дел од Супер-лигата на Европа, а како „европска куќа на фудбалот“ УЕФА ќе инсистира и на санкции од матичните федерации, што би значело дисквалификација на клубовите од Серија А, Премиер-лигата и од Примера Дивизион.

Јасно е дека борбата што ќе почне денеска ќе трае уште долго, а во неа нема да се бираат средства за да се стигне до победа. Сведоци сме на поделба на европскиот спорт меѓу клубови и федерации во кошарката, каде со формирањето на затворена Евролига дури и не се пуштаат кошаркарите да настапат за своите репрезентации во квалификациите за големите натпреварувања. Останува само надежта дека тоа нема да биде случај и со фудбалот.

Се вчитува...