„Почеток на крајот“ за Левандовски во Барса

Барселона има сериозен проблем, каталонскиот гигант се наоѓа во криза, а во такви моменти обично се гледаат хероите, а тимот се врти кон своите лидери. Роберт Левандовски барем на хартија ја има улогата на лидер на Барса, но реалноста на теренот е сосема поинаква, а бројките на полскиот голгетер се огромно разочарување за сите во клубот.

Последниот дуел со Осасуна беше шестиот меч во низа во Ла Лига на кој Левандовски не успеал да постигне погодок. Екс-фудбалерот на Баерн е безгол во последните 553 минути игра, против ривали како Валенсија, Алмерија, Лас Палмас, Бетис, Вилјареал и Осасуна. Тој немал ваков голгетерски пост веќе 13 годни, јасен знак за големата криза во играта на овој напаѓач. Во Баерн најдолгата „црна серија“ му изнесувала четири меча без постигнат гол, а ваква неефикасност Левандовски последен пат имал во својата прва сезона во Борусија Дортмунд, кога не постигна гол на девет средби во серија (од 11 декември 2010 до 26 февруари 2011 година).

„Левандовски знае дека очекуваме повеќе од него. Потребни ни се неговите голови, потрбно ни е тој да ги добива натпреварите“, изјави Чави по синоќешниот триумф над Осасуна во кој Полјакот успеа да ја затресе противничката мрежа, но голот беше поништен поради офсајд.

Еден друг податок е уште позагрижувачки за Барса – Левандовски нема ниту еден удар во рамките на противничкиот гол на последните четири средби во Ла Лига. Тој не само што не постигнува погодоци, туку веќе и не е најсериозна опасност бидејќи тешко влегува и во шанси за да го загрози противничкиот гол.

„Дали е ова почеток на крајот за Левандовски“, пишуваат каталонските медиуми, најавувајќи дека Барса летово би можела да се раздели од најплатениот фудбалер во клубот, кој дефинитивно не ги заслужува парите што ги заработува, со она што го прикажува на теренот сезонава.

Се вчитува...