Македонија вечерва (20.30 часот) против Украина ќе го отвори настапот на европскиот шампионат, во групата Б што се игра во Виена. Стартот е исклучително важен кога станува збор за големите натпреварувања, но традицијата вели дека од досегашните пет европски првенства на кои учествувале македонските ракометари, само еднаш имаат отворено со триумф во првото коло.
„Црвено-жолтите“ првиот настап на едно Европско првенство го имаа во 1998 година во Италија. Во првото коло се сретнавме со Унгарија, мечот го загубивме уште во првото полувреме во кое противникот поведе со 14-7, за на крајот да триумфира со 29-20.
На следен настап на континентален ракометен собир се чекаше цели 14 години, се до ЕП во Србија на кое Македонија стигна до петтото место, најдобар настап на нашиот национален тим на едно големо натпреварување. Во првото коло во Ниш се сретнавме со Шведска, ремизиравме 26-26, натпревар на кој Лазаров и Алушовски беа најефикасни со по седум погодоци.
Од тој шампионат почнува и серијата на европски првенства на кои Македонија станува редовен учесник. Две години подоцна, на ЕП во Данска отворивме против домашната селекција. Во преполната арена во Хернинг данските ракометари беа доминантни и славеа со убедливи 29-21.
Две години подоцна, во Полска отворивме против моќната Франција. Иако околу 50 минути солидно им париравме на „триколорите“, на крајот сепак резултатот беше убедлив во корист на противникот (30-23). Лазаров со девет гола беше најдобар стрелец и на оваа средба, Манасков постигна пет, а Георгиевски четири погодоци.
Последното Европско првенство ја донесе и првата победа на Македонија кога станува збор за средбите од првото коло. Противник во Загреб ни беше силната Словенија, но во драматичен меч успеавме да триумфираме со 25-24. Дејан Манасков беше прв стрелец со осум гола на овој натпревар, еден помалку од него постигна Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА