Герет Бејл е првата „жртва“ во летната „чистка“ што ќе ја спроведе Зинедин Зидан за целосен ремонт на играчкиот кадар во Реал Мадрид. Велшкиот ас ланската сезона со два гола му ја донесе титулата во ЛШ на Реал против Ливерпул, но слабата форма надополнета со влошената комуникација со соиграчите беше причина Зидан првиот „црвен картон“ да му го покаже токму на поранешниот ас на Тотенхем.
Весникот „Марка“ тврди дека фактот дека прв на листата на играчи што заминуваат е токму Бејл, кој воедно е и најплатен фудбалер во клубот, е јасна порака дека неуспех како овој сезонава не се толерира во клуб како што е Реал Мадрид. Зидан сакаше да го продаде Бејл и на крајот од ланската сезона, кога Флорентино Перез реши спротивно – Бејл да остане, а Роналдо да си замине, по што францускиот тренер самиот си поднесе оставка.
Сега ситуацијата е спротивна, Зидан ја доби слободата да одлучува самостојно на оваа тема, па не е никакво изненадување што Бејл е првиот на неговата листа од оние што ќе си заминат. Судбината на велшкиот ас ја делат и Љоренте и Себалјос, двајца млади шпански фудбалери кои не ги оправдаа очекувањата во Мадрид и ќе бидат продадени.
За Бејл интерес покажаа Јувентус и Интер, но многу поголеми се шансите тој да се врати назад во Премиер-лигата, каде Тотенхем и Манчестер Јунајтед не кријат дека сакаат да го доведат во своите редови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА