ЦСКА Москва едно полувреме се мачеше, па потоа се разбуди и на крајот триумфираше над Олимпија Милано со 93-84 на стартот од Евролигата. Гостите од Италија, за кои настапува и македонскиот репрезентативец Џордан Теодор, одиграа одлични први 20 минути во кои имаа предност од десет поени (38-48). Сепак, избраниците на Итудис во вториот дел конечно влегоа во посакуваниот ритам, за половина четвртина го свртеа резултатот во своја полза и на крајот заслужено триумфираа.
Кори Хигинс со 21 и Серхио Родригез со 20 поени беа најзаслужни за триумфот на рускиот гигант, во чии редови одлично евролигашки деби имаше и Клајбурн, реализирајќи 15 поени, 12 скока и три украдени топки. Џордан Теодор го заврши мечот со седум поени (2/7 шут од поле) и шест асистенции.
Триумфално во новата евролигашка сезона тргна и Реал Мадрид, кој неочекувано лесно го совлада во Истанбул тимот на Анадолу Ефес со 74-88. Победата беше најавена уште во првата четвртина во која „кралевите“ поведоа со 19-28, за потоа двоцифрената предност да ја одржуваат и да ја претворат во два бода. Лука Дончиќ одигра маестрално и со 27 поени го предводеше Реал во овој триумф, Ајон постигна 16 за Реал, додека прв стрелец на Ефес беше МекКолум со 26 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА