Со два натпревари, денеска стартува осмото коло во Првата македонска фудбалска лига. Ќе се игра во Гостивар и во Кавадарци, каде Арсими го дочекува тимот на Шкупи, а Тиквеш игра на свој терен против Македонија ЃП.
Арсими веќе ги впишува бодовите против „фенерџијата“ Шкупи, кој се соочува со огромни проблеми сезонава и кој и натаму на контото нема ниту еден бод и реди само порази. Тимот има постигнато само три гола, и примено 18. Тимот од Чегране од друга страна сака рехабилитација по поразот во Струмица од Брера. Арсими од друга страна ја бара и првата победа на домашен терен сезонава, откако има катастрофални три од три порази на свој терен. Токму Шкупи е шанса да се дојде до победа.
„Нормално е што сме разочарани што не ја совладавме Брера, затоа што не реализиравме многу шанси. Но, фудбалот е таков ,мора да гледаме напред. Сега не очекува противник како Шкупи, знаеме дека тие се во криза, но ние ќе излеземе на терен само за победа. Сакаме да фатиме победнички ритам и да ги покажеме нашите вредности”, изјави играчот на Арсими, Башким Велија.
„Иако доаѓаме од лош момент, минатото е зад нас. Сега сме целосно фокусирани на предизвикот што нè очекува. Навистина се надеваме дека со добра и компактна игра, ќе бидеме наградени со резултатот кон кој се стремиме“, заклучи фудбалерот на Шкупи, Адонис Милај.
Тиквеш мака мачи да ја пронајде својата вистинска форма. Меѓутоа проблемите внатре во клубот и заминувањето на инвеститорите дополнително ја комплицираше состојбата во тимот од Кавадарци. Сега на ред е домашен меч со Македонија ЃП, еден од клубовите кој влезе во форма, и на последните четири меча има три победи, и во добра атмосфера доаѓа на ова тешко гостување.
„Ова е турбулентен период за нашиот клуб. Ако победиме, ќе се вратиме во некоја нормала. Штета што против Шкендија одигравме одличен меч, а на крајот не сме наградени барем со бод. Сепак, сигурен сум дека и на нам ќе ни тргне. Создаваме шанси, имаме зицери а само три постигнати голови, што е премалку. Сите екипи бодовно се тука некаде, и се надевам дека ќе ја подобриме реализацијата и ќе дојдеме до бодовите“, изјави Вареловски.
„Тиквеш е квалитетен тим. Неговата позиција на табелата не е реален показател на силата на овој тим. Како што на пример не беше ни нашата на стартот на шампионатот. Добрата работа, тренинзите, вложувањето на терен секогаш го даваат резултатот. Ако правиме се како што треба, бодовите нема да изостанат“ – вели искусниот Симеон Христов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

