Се е подготвено за кошаркарскиот празник што од денеска па се до недела ќе се одржува во Куманово, каде осумте најдобри екипи ќе се борат за трофејот во Купот на Македонија што го носи името на големата кошаркарска легенда, Благоја Георгиевски – Буштур.
Трета година по ред куп-завршницата не се одржува во Скопје, по Битола и Гевгелија сега таа чест ќе ја има Куманово, во салата во која минатиот август домаќин беше македонската репрезентација, а викендов ќе ги пречека тимовите кои ќе влезат во оваа куп-завршница со една единствена цел – да стигнат до трофејот.
А тука главен фаворит повторно е МЗТ Скопје, тимот што со 13 куп-пехари е најтрофеен во ова натпреварување, воедно и доминира во последниот период со четири трофеи во последните пет години. Единствениот кој успеал да ја прекине оваа доминација на аеродромци е ТФТ во 2022, а тимот од скопско Тафталиџе како прв носител и моментален лидер во Супер-лигата пристигнува на овој турнир, со јасна желба да стигне до втор трофеј во клупската историја.
Со свои математики влегува и домаќинот Куманово, кој веќе во четвртфиналето ќе се сретне со силниот тим на Пелистер, кој не знае за пораз сезонава.
Се е подготвено за кошаркарски празник, затоа – овие три дена нека минат во максимална спортска атмосфера, без никакви инциденти, во име на кошарката, за најава за подобри денови на овој спорт во нашата држава.
ДВОЈКИ ЗА ЧЕТВРТФИНАЛЕ
12 часот: ТФТ – Феникс
14.30 часот: МЗТ Скопје – Работнички
17 часот: Маџари – Кожув
19.30 часот: Куманово – Пелистер
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

