Се е подготвено за почетокот на ракометниот Куп на Македонија, кој од денеска па се до недела ќе се одржува во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
По непотребната бура и низата соопштенија, конечно фокусот на спортската јавност ќе биде ставен на случувањата на теренот, Тиквеш, Е. Пелистер, Вардар и Алкалоид ќе се борат за големиот трофеј.
По последната промена на термините, денеска на терен ќе излезат екипите на Е. Пелистер и Тиквеш. Станува збор за меч на кој битолчани важат за големи фаворити, „зелено-белите“ се многу блиску до титулата во првенството, но не кријат дека сонуваат и за куп-трофејот, што овој клуб го нема освоено уште од 2005 година кога во финалето славеше над Металург со 28-25.
Дуелот меѓу Пелистер и Тиквеш почнува во 19.30 часот, а претходно, со почеток во 17 часот ќе се игра и првото полуфинале во женска конкуренција, во кое ќе се сретнат Куманово и Ѓорче Петров.
Утре својот настап на овој фајналфор турнир ќе го почне бранителот на трофејот Вардар, на мегдан со Алкалоид во 19.30 часот (СЦ „Борис Трајковски). Претходно, во 17 часот ќе се игра второто полуфинале во женска конкуренција меѓу ЖРК Вардар и Чаир.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА