Се е подготвено за стартот на Детската лига во фудбал што традиционално се одржува во организација на ФФМ. Од куќата на фудбалот денеска информираат дека е донесена одлука пет од шесте региони натпреварувањето ќе продолжи како и во претходните години, но затоа за Северниот регион е донесена одлука натпреварите да бидат играни без публика, по страшниот инцидент од пред неколку месеци кога родители физички се пресметаа пред очите на своите деца.
„Апелираме до родителите и сите гледачи во иднина да размислуваат за влијанието што нивните постапки го имаат врз децата и секогаш да се однесуваат на начин кој поддржува и поттикнува позитивен развој. Грасрут одделот во рамки на Фудбалската федерација на Македонија праќа информација за почетокот на новата сезона во Детска лига.
Повеќе од 10.000 илјади деца во рамки на 6 региони во државата викендов ќе ги започнат натпреварите во најмасовното натпреварување во Македонија. Детската лига на ФФМ претставува основа за сите учесници – деца од 7 до 12 години да ги развијат своите фудбалски вештини, тимската работа и љубов кон играта.
Целта за сите нас е да обезбедиме забавна и хармонична средина, фокусирана на учење на основите на фудбалот и спортски дух. Како организација посветена на промовирање на позитивна и фер-плеј средина за нашите најмлади фудбалери, Фудблската федерација на Македонија најостро го осуди однесувањето на дел од родителите кои ланската сезона предизвикаа и учестуваа во инцидент на финалниот турнир од Детска лига.
Таквото однесување е спротивно на вредностите што ги поддржуваме и примерот што се стремиме да им го дадеме на нашите деца. Од таа причина, ФФМ донесе одлука (до отповикување) за забрана за присуство на публика на натпреварите од северниот регион во Детска лига.
Гледаме позитивно и се надеваме дека како и во останатите пет региони, публиката, родителите и гледачите ќе имаат можност да ги следат натпреварите во многу блиска иднина. Апелираме до родителите и сите гледачи во иднина да размислуваат за влијанието што нивните постапки го имаат врз децата и секогаш да се однесуваат на начин кој поддржува и поттикнува позитивен развој.
Тренерите и организаторите, исто така, треба посветено да му помогнат на секое дете да расте на теренот и надвор од него, градејќи доверба и другарство. Без разлика дали вашето дете започнува да игра фудбал, или веќе со голема страст гледа на играта, Детската лига нуди одлична можност да ужива во и да создаде трајни спомени“, се вели во соопштението на официјалната веб-страница на ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА