Почнува ЕП во Франција – дуел на шампионите за старт

Репрезентациите на Франција и на Русија вечерва во Нанси ќе го означат стартот на Европското првенство за ракометарки што ќе се одржи од денеска до 16 декември во Франција.

Дуелот меѓу актуелниот светски и олимпискиот шампион ќе биде вистинска атракција уште на отворањето на ЕП. Воедно, ова ќе биде прв официјален натпревар на селекциите на Франција и на Русија по финалето на ОИ во Рио во кое избраничките на селекторот Евгениј Трефилов победија со 22-19 и го освоија олимпиското злато.

„Натпреварот со Русија ќе биде извонреден, не само натпреварувачки, туку и како најдобра можна промоција на ракометот. Не би можел ни да замислам подобра начин за почеток на првенството. Познатото е дека ЕП е најтешко натпреварување и очекувам сите натпревари да бидат неизвесни до крај, не само овој“ – најави селекторот на Франција, Оливие Крумболц.

На шампионатот учествуваат 16 најдобри европски репрезентации поделени во четири групи во првата фаза, а титулата ја брани селекцијата на Норвешка која е седумкратен европски шампион. На ЕП во Франција ќе настапат и многу од ракометарките кои до лани го носеа дресот на ЖРК Вардар – Андреа Лекиќ и Драгана Цвијиќ ја предводат репрезентацијата на Србија, Јованка Радичевиќ во дресот на Црна Гора, Амандин Лејно, Александра Лакрабер заедно со Алисон Пино и Сириба Дембеле се во составот на Франција и се едни од водечките имиња на шампионатот.

Група А (Нант) : Србија, Шведска, Данска, Полска

Група Б (Нанси): Русија, Црна Гора, Словенија, Франција

Група Ц (Монбелиар): Унгарија, Шпанија, Холандија, Хрватска

Група Д (Брест): Норвешка, Германија, Романија и Чешка.

Полуфиналните натпревари ќе се играат во Нант и во Нанси, а финалниот викенд е во Париз.

Се вчитува...