Почнува Евролигата: „Кралевите“ го бранат тронот, конкуренцијата за трофејот никогаш поголема

Со денешниот дуел во Белград меѓу ЦРвена Звезда и Асвел (19 часот) и официјално ќе биде означен стартот на новата сезона во кошаркарската Евролига, елитното европско натпреварување кое од година во година се повеќе добива на квалитетот и популарност. Реал Мадрид ќе ја има улогата на бранител на трофејот откако „кралевите“ лани изненадија многумина, најпрвин со пресвртот против Партизан во четвртфиналето, а потоа со двете победи над Барселона и Олимпијакос искачувајќи се на тронот на кошаркарска Европа.

Борбата за пехарот ќе биде поинтересна од било кога, ако се земе во предвид огромната конкуренција што владее за големиот трофеј. Олимпијакос како вицешампион остана без Везенков, но доведе неколку врвни засилувања со кои грчкиот тим повторно е меѓу главните кандидати за титулата. Вториот грчки ривал, Панатинаикос, го донесе Атаман за тренер, ангажираше и над десет врвни засилувања, со јасна цел дека „зелените“ сакаат повторно да се искачат на тронот на кошаркарска Европа.

Барселона летово се ослободи од Никола Миротиќ, но каталонците се уште имаат врвен тим со кој се надеваат на висок пласман, зошто да не и мешање во борбата за титулата. Монако на силната екипа од лани го додаде и повеќекратниот НБА-олстар Кемба Вокер, а ако тој се адаптира на европскиот стил на игра нема сомнеж дека „кнезовите“ повторно ќе играат на фајналфор откако лани дебитираа на евролигашката завршница.

Никако не смеат да се заборават турските гиганти Фенербахче и Ефес, но и Макаби, кој ги задржа Браун и Болдвин, успевајќи дополнително да го засили ростерот во текот на летово.

Партизан ги задржа Пантер и Лидеј, но останува да се види како „црно-белите“ ќе го надополнат заминувањето на Егзум и на Лесор, кои лани беа огромни адути на АБА-шампионот. И оваа сезона во Евролигата ќе има две белградски екипи, откако Црвена Звезда доби вајлд-карта, по што „црвено-белите“ донесоа десет одлични засилувања предводени од Теодосиќ, Тоби, Нејпир, Ханга…

Лудилото наречено Евролига може да почне, а нема сомнеж дека од денеска па се до мај ќе можеме да гледаме извонредни натпревари ширум Стариот континент…

Се вчитува...