Вардар, Работнички и Силекс денеска ќе го имаат своето европско деби сезонава во третото по ранг натпреварување на стариот континент, Конференциската лига.
Единствено најтрофејниот македонски клуб Вардар првиот меч ќе го одигра на домашен терен од 20.30 часот каде ја чека Ла Фиорита од Сан Марино.
Тренерот на „вардарци“, Гоце Седлоскинагласува дека Вардар секако оди на победа, без разлика на тоа што во модерниот фудбал нема фаворити на хартија.
„Одработивме добро подготовки. После долги години Вардар е повторно во Европа. Ние ја гледаме нашата работа, се надевам дека играчите ќе дадат максимум и ќе победиме на мечот во Скопје“ – истакна Седлоски.
Капитенот на Вардар, Азер Омерагиќ потенцира дека желбата на сите во тимот е со триумф во Скопје во многу што нештата да се олеснат за реваншот за седум дена.
„Екипата е навистина мотивирана за европскиот дуел. Нашата желба е да ја завршиме работата уште на првиот меч и да обезбедиме резултат со кој ќе би патувале помирно на реваншот во Сан Марино“, вели Омерагиќ
Работнички со гостински меч против Торпедо-Белаз ќе ја отвори европската авантура летово.
Тренерот на „романтичарите“, Бојан Маркоски вели дека добро го имаат анализирано противникот и дека верува во поволен резултат пред реваншот во Скопје.
„Време е за европскиот предизвик. Се подготвувавме за ова, го анализиравме противникот, Торпедо-Белаз е квалитетен тим, но ние сакаме позитивно да го стартуваме ова европско лето. Верувам во тимот, ќе сториме сѐ да оствариме посакуван резултат и реваншот во Скопје по седум дена да го дочекаме со еден чекор поблиску до пласман во следното квалификациско коло. Работнички по седум години е повторно во Европа, и тоа апсолутно нѐ мотивира сите да дадеме и повеќе од максимум, и овде во Унгарија, како и на вториот меч во Скопје“, изјави Маркоски.
Слично размислува и искусниот Бесир Демири…
„Се подготвувавме за ова, уште од првиот ден, кога почнавме со работа во оваа нова сезона. Тимот е подготвен за предизвикот, имаме своја цел и веруваме дека ќе ја исполниме доколку ја спроведеме на дело стратегијата на шефот на стручниот штаб Бојан Маркоски. Новите засилувања одлично се вклопија, атмосферата е на највисоко ниво и сите сме максимално фокусирани на утрешниот прв дуел со Торпедо-Белаз. Нѐ очекува голема битка, а се надеваме дека на крајот ќе има позитивен изход за нас“, вели Демири.
Силекс за противник ќе го има црногорскиот Дечиќ, а мечот е закажан со почеток во 20 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

