Гевгелија од денеска па се до сабота ќе биде домаќин на завршниот турнир од Купот на Македонија во кој седум кандидати ќе се обидат да го симнат од троноте бранителот на трофејот, МЗТ Скопје.
„Металците“ лани во неизвесна завршница во финалето во Битола го совладаа Пелистер за свој 12. куп-трофеј, а со оглед на моментната форма во која се наоѓаат аеродромци, тие повторно се главни кандидат за трофејот. Патот нема да им биде нималку лесен, ако се знае дека во четвртфиналето вечерва се среќаваат со Работнички, а во случај на победа во полуфиналето ги очекува подобриот од дуелот Пелистер – Чаир.
Капитенот на „металците“, Дамјан Стојановски, ќе има дополнителен мотив ако се знае дека триумф на МЗТ во Гевгелија ќе значи и и негов десетти куп-трофеј во кариерата, нешто што досега му има успеано само на Перо Блажевски.
„Во улога на домаќин, како организатори на еден ваков голем, убав настан, да ви посакам успешни игри на сите кои дојдовте тука, веројатно со една цел, да го освоите трофејот наменет за најдобриот во ова најмасовно клупско натпреваруавње кај нас. Една од тие желби е и нашата, на КК „Кожув“ од Гевгелија. Мислам дека, а и досегашниот тек на настаните во шампионатот го потврдува тоа, овие три дена во Гевгелија ќе бидеме сведоци на доста неизвесни натпревари, како во машка, така и во женска конкуренција. Ние ќе се потрудиме да бидеме добри домаќини, но во исто време, и ќе пробаме да го оствариме најголемиот успех од постоењето на клубот, и не би имал ништо против тоа, овој трофеј да остане тука и во наредните 365 дена“, изјави претседателот на КК Кожув, Александар Димитровски во пресрет на овој турнир.
Согласно пропозициите, се игра три натпреварувачки дена во низа, така што екипите со највисоки амбиции ги очекува навистина пеколен ритам на патот до трофејот.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ ЗА ЧЕТВРТФИНАЛЕ
ТФТ – ГОСТИВАР 13 часот
ПЕЛИСТЕР – ЧАИР 15.30 часот
КУМАНОВО – КОЖУВ 18 часот
МЗТ СКОПЈЕ – РАБОТНИЧКИ 20.30 часот
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА