Почнува Ла Лига: Реал го брани тронот, Барса пак е моќна, но не го отпишувајте Атлетико на Симеоне

Со вечерашниот натпревар меѓу Осасуна и Реал Мадрид ќе биде означен и официјалниот старт на новата сезона во шпанската Ла Лига. Реал Мадрид без преголема конкуренција стигна до титулата минатата сезона, но се очекува „кралевите“ во наредните десетина месеци да имаат далеку потешка задача да се задржат на тронот на шпанскиот фудбал.

Флорентино Перез не успеа во големата желба – во Мадрид да го доведе Килијан Мбапе, па надежите на „кралевите“ и во новата сезона се вперени кон Карим Бензема, кој имаше година за паметење во изминатите 12 месеци. Реал ја засили одбраната ангажирајќи го Ридигер од Челси, додека средниот ред беше освежен со ангажманот на Чуамени, кој пристигна од Монако за почетна сума од 80 милиони евра.

Главен ривал на Реал повторно ќе биде Барселона, откако каталонскиот гигант инвестираше сериозно во играчкиот кадар. Левандовски, Рафиња, Кеси, Кунде… се засилувања кои ја враќаат Барса како сериозен конкурент за титулата. Претседателот Лапорта се мачи да најде лек да ги покрие дупките во буџетот за да може да ги регистрира сите фудбалери навреме за утрешниот меч од првото коло со Рајо, но нема сомнеж дека Барса ќе има моќен тим со кој сериозно ќе атакува на трофејот.

Кругот на фаворити за највисок пласман се затвора со Атлетико Мадрид, состав што играчки можеби заостанува зад Реал и Барселона, но има свој главен адут во тренерот Диего Симеоне. Аргентинецот важи за стратег што вади максимум од секој поединец и создава моќен колектив, ваквата тактика веќе му донесе неколку трофеи во последната сезона, па останува да се види што ќе може Симеоне да направи во новата сезона.

Единствен Македонец во новата сезона од Ла Лига ќе биде голманот Столе Димитриевски, кој и во новата сезона ќе биде прва опција на голот на Рајо Валјекано.

Се вчитува...