Со натпреварот меѓу Ливерпул и Норич вечерва почнува новото издание на најпопуларното национално фудбалско првенство во светот, Премиер-лигата.
И годинава како и минатата сезона главни фаворити за освојување на трофејот ќе бидат актуелниот шампион Манчестер Сити и европскиот шампион Ливерпул. Двата тима минатата сезона водеа историска битка во која „граѓаните“ на крајот беа за нијанси подобри. Ростерот на двата тима е сличен на тој од минатата сезона. Гвардиола како најзвучни имиња ги донесе Родри од Атлетико Мадрид и Жоао Кансело од Јувентус, додека Клоп летниот преоден рок мируваше, велејќи дека Ливерпул не е клуб кој може да троши многу пари како останатите гиганти.
Како трет тим кој според „букмејкерите“ има шанси да стигне до титулата е Тотенхем, кој минатата сезона играше во финалето на Лигата на шампионите. По една година без трансфери, летово во Лондон како најзвучни засилувања пристигнаа Tангу Ндомбеле од Лион и Џовани Ло Селсо од Реал Бетис.
Во борбата за трофејот во Премиер-лигата следуваат Арсенал и Челси. Тимот од „Емирати“ заврши одлична работа доведувајќи го младиот фудбалер на Лил, Николас Пепе, а исто така и Давид Луиз од Челси, кој треба да донесе искуство во последниот ред. Челси има забрана за трансфери, но на крилата на легендата на клубот Френк Лампард, кој седна на клупата на тимот се надеваат дека ќе бидат конкурентни за титулата. Ламапард вели дека ќе им даде шанса на младите фудбалери, а еден од нив е Кристијан Пулишиќ кој уште во зимскиот преоден рок потпиша за клубот.
Како тим кој од големата шесторка му се даваат најмалку шанси за титула е Манчестер Јунајтед, кој не може да привлече големи фудбалери по заминувањето на Фергусон. На „Олд трафорд“ пристигна Хари Мегваер кој беше платен 80 милиони фунти, со што стана најскапоплатен дефанзивец во историјата на фудбалот. Мегваер ќе мора да донесе смиреност во одбраната која последната сезона личеше на одбрана од Лига 2. Ново засилување во последниот ред е и Арон фан Бисака од Кристал Палас. Од „Олд трафорд“ замина Ромелу Лукаку, а се очекува да видиме што ќе се случи со Пол Погба.
Едно е сигурно не очекува уште една феноменална сезона. Паузата помина, а љубителите на најважната споредна работа во светот од вечерва ќе можат повторно да уживаат во убавината која ни ја носи Премиер-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА