Со денешните четвртфинални натпревари од СП 2021 почнува нокаут фазата од ракометниот мундијал, во која најдобрите осум селекции стартуваат со битката за медал. Во Топ 8 нема место за Германија, Хрватска и Словенија, но затоа тука е бранителот на трофејот Данска, потоа повеќекратниот светски првак Франција, незгодната Норвешка, домаќинот Египет…
Во првата четвртфинална пресметка Египет предводен од Роберто Парондо на клупата ќе се обиде да го изненади актуелниот светски првак Данска. Добра вест за Данците е што Хансен и Ландин ги надминаа здравствените проблеми и ќе можат да настапат против „фараоните“. Јакобсен одмори дел од првотимци на последниот меч со Хрватска, но и со комбиниран состав ги спакува „коцкестите“, па Данска со максимален ефект влегува во денешното четвртфинале.
Сепак, Парондо верува дека неговите ракометари можат да приредат изненадување на оваа средба.
„Сигурно нема да се предадеме. Верувам во мојот тим, ако одиграме најдобро што можеме способни сме да го победиме секој ривал, зошто да не и шампионот Данска“, истакна Парондо.
Најинтересна барем „на хартија„ се очекува да биде пресметката меѓу Шпанија и Норвешка, на која судии ќе бидат Македонците Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Шпанците се актуелни европски шампиони, додека Норвежаните растат на секое наредно големо натпреварување и се надеваат дека токму годинава би можеле да атакуваат на златото. Шпанците повеќе од две години не знаат за пораз на големите натпреварувања, а Норвежаните против себе ќе ја имаат и традицијата, која вели дека 24 години немаат триумф над „црвената фурија“ (17 одиграни натпревари – 16 порази и едно реми).
Шведска допатува преполовена на овој мундијал, но скандинавската селекција прикажа одлична игра во досегашните две рунди и денеска ја очекува битка со Катар. Огромен проблем за Катарците е повредата на голманот Шариќ поради која искусниот чувар на мрежата е „во аут“ до крајот на шампионатот, додека кај Шведска пред клучниот меч од главната фаза се врати Лагергрен, кој ќе биде голем адут и на овој натпревар.
Во последниот дуел Унгарија ќе се обиде да ја изненади селекцијата на Франција, која играше променливо досегашниот дел од шампионатот, но најдобрата партија ја прикажа на последниот меч кога ја декласираше Португалија.
Унгарците и покрај процесот на подмладување играат одличен ракомет и сигурно нема предвреме да се предадат против фаворитот.
„Нормално дека ќе биде тешко кога играте против Франција, селекција која секогаш е фаворит за златото. Сепак, верувам дека имаме шанса да победиме, мораме да бидеме фокусирани во текот на 60-те минути и да одговориме на нивната физичка игра. Нашиот состав е значително изменет, подмладен, но и овие млади играчи покажаа дека се многу квалитетни“, изјави најискусниот во унгарскиот табор“, голманот Роланд Миклер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА