Со шест натпревари денеска почнува новата сезона, 34. во историјата во Првата македонска фудбалска лига. Струга Трим Лум ќе ја брани титулата која ја освојуваше две години по ред, но веројатно сезонава ќе има многу потешка задача од претходната година.
Шампионот остана без својот најдобар фудбалер, Бесарт Ибраими кој се врати во Шкендија, а токму Шкендија е еден од фаворитите за највисок пласман. Тетовчани имаат план како да го вратат трофејот, а сметаат дека токму Ибраими е делот од сложувалката кој недостигаше за тоа.
Шкупи исто така влегува со големи амбиции оваа сезона. Тимот од Чаир доби нов спонзор, а во предвечерието на новиот шампионат официјализираше дури единаесет фудбалери. Најтрофејниот Вардар по долги години мака, во кои беше дел и од ВМФЛ, конечно доби стабилен спонзор, па со неколку странски и домашни квалитетни засилувања од раководството најавуваат и највисок пласман.
Со големи амбиции во новата сезона влегуваат и Гостивар и Работнички. Гостиварци го донесоа можеби и најзвучното засилување во историјата на ПМФЛ, во името на Дирар, додека Работнички и тоа како беше активен ова лето да создаде респектабилен тим. АП Брера на домашен погон и оваа сезона ќе се обиде да им ги помати сметките на фаворитите и да избори што повисок пласман, а во слична ситуација е и кратовски Силекс.
Тиквеш имаше историска мината сезона во која го освои Купот и за првпат излезе во Европа, а одличната форма од минатата, кавадарчани сакаат да ја префрлат и во новата сезона. Дебитантот во елитата Беса како освојувач на ВМФЛ минатата сезона влегува со големи амбиции во својата „руки“ сезона во ПМФЛ. Камбек во елитата има и Пелистер кој исто така состави респектабилен тим со кој се најавува пласман во горниот дел од табелата. Финалистот од Купот минатата сезона Воска, веројатно влегува со најмали амбиции од сите клубови во ПМФЛ, но охриѓани и тоа како покажаа дека се „жилав“противник и дека никој нема да стигне до лесни бодови против нив.
ПМФЛ СЕЗОНА 2024/2025:
1. КОЛО, 17 ЧАСОТ:
БЕСА – ШКЕНДИЈА
ПЕЛИСТЕР – ГОСТИВАР
РАБОТНИЧКИ – СИЛЕКС
ШКУПИ – ВОСКА СПОРТ
СТРУГА ТЛ – ТИКВЕШ
20.00 ЧАСОТ:
АП БРЕРА – ВАРДАР
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

