Европското ракометно првенство во Хрватска влегува во својата завршница. Финалната разврска за конечниот пласман на најдобрите шест репрезентации на стариот континент почнува денеска во загрепска Арена со дуелот за 5.место меѓу домаќинот Хрватска и Чешка (15.30 ч.). А, потоа следува првото полуфинале : Франција – Шпанија (18 ч.) и на крај скандинавското полуфинале Данска-Шведска (20.30 ч.).
По елиминацијата на Германија, Европа ќе добие нов ракометен владетел во наредните две години. За титулата конкурираат актуелниот светски шампион Франција, Шпанија, Данска и Шведска. Французите имаат шест победи во серија на ова ЕП и се прв фаворит за освојување на златниот медал. Доколку Никола Карабатиќ и неговите репрезентативни колеги продолжат во тој доминантен ритам и стигнат до победничкиот подиум во Загреб, ќе го изедначат и рекордот на Шведска која досега е единствена репрезентација со четири шампионски титули од европските првенства. Прва пречка за Французите ќе биде селекцијата на Шпанија која на денешното полуфинале на голот ќе го има Арпад Штербик како замена за повредениот Гонзало перез де Варгас.
Во второто скандинавско полуфинале, Данска предводена од Микел Хансен и до Никлас Ландин на голот, влегува со блага фаворитска предност пред Шведска. Но, Швеѓаните на кои главна карактеристика им е извонредната тимска игра, на ова ЕП веќе покажаа дека може да ги изненадат фаворитите. Со триумфот против Хрватска, Шведска им го нанесе првиот, што на крај се покажа и клучен удар за златните амбиции на домаќините. Единствените два поразни на Шведска во досегашниот тек од шампионатот им беа од Франција во првата и од Норвешка во втората фаза. Доколку пак Швеѓаните приредат големо изненадување, тогаш имаат шанса да останат апсолутни рекордери со пет европски титули.
Победниците од полуфиналените средби утре (20.30 ч.)во Загреб ќе играат во големото финале, а поразените во мечот за бронзен медал (18 ч.).
Дуелот за 5.место ќе биде утешен за разочараните домаќини против Чешка. Чесите се едно од најголемите изненадувања на овој шампионат, за разлика од Хрватите кои пак се едно од најголемите разочарувања на ЕП. Домаќините предводени од Лино Червар од клупата, на првенството на кое се домаќини атакуваа на златниот меда, но доживеаја болно приземјување и елиминација од Франција во главната фаза. Хрватска по седум последователни полуфиналиња на европските првенства, на ова ЕП на кое се домаќини ќе играат само за 5.место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА