Почнува ракометната Супер-лига: Алкалоид и Вардар во „лов“ на шампионот Еурофарм Пелистер

Се е подготвено за почетокот на новата ракометна Супер-лига на Македонија, што ќе стартува со денешниот натпревар меѓу Скопје и Алкалоид (19 часот, сала Автокоманда). Ова е последна сезона со ваков систем на натпреварување, со две групи од по осум екипи од кои најдобрите четири во секоја група ќе продолжат во плејофот, додека останатите ќе разигруваат во плејаут натпреварувањето (До крајот на годинава ќе биде точно познато колку екипи ќе испаднат на крајот од сезонава, како што беше одлучено на Собранието на РФМ).

Еурофарм Пелистер ќе ја има улогата на бранител на трофејот откако битолчани лани во голем стил стигнаа до победата, враќајќи се од работ на амбисот по убедливиот пораз во Скопје од Вардар и максимално користејќи го неочекуваниот пораз на „црвено-црните“ од Алкалоид во плејофот. „Пелистерци“ направија сериозни измени во ростерот и барем според имињата би требало да бидат посилни од лани, но секако дека ќе биде неопходно и време за адаптација и воигрување, откако многу работи не функционираа во играта на шампионот при поразот од Вардар во Супер-купот на Македонија.

Алкалоид лани во дебитантската сезона во Супер-лигата стигна до вицешампионскиот епитет, а нема сомнеж дека клубот од Автокоманда ќе атакува на трофејот, доколку му се укаже шанса за такво нешто. Тренерот Кире Лазаров донесе неколку странски и домашни засилувања,  се со цел да биде направен чекор напред во однос на ланската сезона.

Вардар е тимот со најкоренити промени во однос на лани, откако си заминаа речиси сите клучни играчи од лани со исклучок на голманот Томовски и десното крило Георгиевски. Сепак „црвено-црните“ со триумфот над Еурофарм Пелистер во Супер-купот јасно ставија до знаење дека поседуваат квалитет да се вмешаат во борбата за највисок пласман.

Од останатите клубови, Охрид инвестираше сериозно во нови играчи, носејќи го за тренер Стевче Алушовски, Тиквеш по обезбедениот излез во Европа повторно состави квалитетен тим, тука ќе бидат и стандардно квалитетните Пролет, Бутел Еурофарм Пелистер 2…. Се на се, најава за нови ракометни возбудувања на терените ширум Македонија, од денеска, па се до крајот на мај.

Се вчитува...