Битката за титулата во ПМФЛ ќе биде пеколна во финишот од сезоната, а од денеска почнува клучниот, трет круг во шампионатот. Струга ТЛ, Шкупи и Шкендија се на еден бод еден од друг. Бодовите се 45, 44, 43, а сите три тима имаат „домашни задачи“.
Шкендија ја пречекува Воска Спорт во Тетово, и важи за фаворит да ги освои бодовите, и покрај тоа што Воска нема пораз под водство на Срѓан Захариевски, кој ја презеде екипата.
Лидерот Струга ТЛ оди на дуел со АП Брера. И покрај тоа што ја има фаворитската улога, сепак, мора да се има во предвид дека струмичкиот тим може да биде „мина“, а тоа го покажа и на минатиот меч со Шкендија кога одигра без голови. АП Брера има само еден пораз во пролетниот дел, од Гостивар на гостински терен.
Најинтересно ќе биде на Чаир, каде Шкупи ќе го дочека тимот на Работнички. Ова ќе биде и враќање на Гоце Седлоски на „Чаир“ во нова улога, откако му ја донесе последната титулата на чаирскиот тим, а сега како тренер на Работнички. Работнички минатото коло го загуби дербито со Вардар, и сега ќе оди на рехабилитација против Шкупи, кој се бори за врќање на титулата.
Силекс и Македонија ЃП ќе биде дуел на „ранетите“ во пролетниот дел. Можеби последна шанса за „лавовите“ да се фатат за сламката на опстанокот, а играат против екипата која не само што нема победа, туку нема ниту еден постигнат гол. И ова е шанса за кратовскиот тим предводен од Александар Васоски да дојде до првата победа.
Тиквеш по серијата на добри резултати се искачи на петтата позиција на табелата, и сега на домашен терен ја пречекува Брегалница. Ова е добра шанса за кавадарчани да им се реваншираат на штипјани за поразот во првото пролетно коло, кога Брегалница со пресврт во финишот успеа да дојде до единствената, засега, победа во вториот дел од сезоната.
ПМФЛ, 23. КОЛО
ДЕНЕСКА, 14:00 ЧАСОТ
Гостивар: ГОСТИВАР – ВАРДАР
Тетово: ШКЕНДИЈА – ВОСКА СПОРТ
Скопје, Чаир: ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ
Кратово: СИЛЕКС – МАКЕДОНИЈА ЃП
Струга: СТРУГА ТЛ – АП БРЕРА
Кавадарци: ТИКВЕШ – БРЕГАЛНИЦА
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

