Почнува вистинското лудило – Шеснаесет кандидати за место во вечноста

Со натпреварите Велс – Данска и Италија – Австрија почнуваат осминафиналните возбудувања на Европското првенство. Веројатно цел свет освен жителите на малата држава која е дел од Велика Британија ќе бидат денеска за Данците, кои испишуваат вистинска филмска приказна на овој шампионат.

Како единствена репрезентација која успеа да се пласира во нокаут фазата, а забележа пораз во првите два натпревари Данска веќе испиша историја на овој Еврошампионат. Исто така несреќната случка со Кристијан Ериксен на првиот меч против Финска, кога докторите го спасија неговиот живот е само еден од сегментите тие да веруваат во чудо. Кога и да се случуваат луди работи, Данска најдобро се снаоѓа, а Данците не можат да го заборават ЕВРО 1992 кога како замена за Југославија стигнаа на шампионатот кој на крајот сензационално го освоија.

Во вториот натпревар во терминот од 21 часот Италија ќе биде голем фаворит против Австрија. „Аѕурите“ се 30 натпревари без пораз и досега на шампионатот покажаа најдобра форма. Од друга страна Австрија која иако забележа две победи во групната фаза против Македонија и Украина не покажа апсолутно ништо во досегашниот дел од шампионатот.

Се вчитува...