Со денешните полуфинални натпревари и официјално стартува фајналфор турнирот од Купот на Македонија што од денеска до сабота ќе се одржи во салата „Автокоманда“ во Скопје. Првата полуфинална пресметка ќе донесе битка меѓу бранителот на трофејот Металург и најтрофејниот тим во Купот на Македонија, Вардар („црвено-црните“ имаат 13 куп-трофеи), меч што ќе стартува во 16.30 часот.
„Металурзите“ пред две години во финалето во Куманово го шокираа токму Вардар, ланската куп-завршница беше откажана поради коронавирусот, па тимот од Автокоманда ја има улогата на бранител на пехарот на овој фајналфор. Добра вест за тренерот Марковски е камбекот на Тарабокија по повредата, со што репрезентативецот на БиХ ќе биде сериозен адут во обидот да се изненади Вардар.
„Црвено-црните“ влегуваат во овој меч како фаворити по перфектниот скор во досегашниот дел од плејофот, но поразот во последното куп-финале токму од Металург е сериозно предупредување.
„Во Купот сите екипи се фаворити. Сите се надеваат дека може да победат. Тоа се два посебни натпревари, две посебни приказни, две сосема поинакви дуели. Секој ја гледа својата шанса тука. Ова се четирите најквалитетни тимови и секој доаѓа со свој есап. Нема аутсајдери. Вардар никогаш не бегал од улогата што ја имал, и секогаш се стреми да биде победник. Во ситуација кога нема публика на трибините речиси е сеедно каде се игра. Треба да покажеме дека во моментов нашата форма е најдобра и овој месец да го завршиме планираното. Тренираме вредно, секојдневно. На овие дуели од Купот единствено ќе ни недостасува Анте Гаџа кој има повреда на раката и имаше операција. Сите други се максимално подготвени за полуфиналниот дуел со Металург. Тоа е дерби кое секогаш е интересно. Очекувам натпревари со висок интензитет и се разбира – ние да бидеме победници“, изјави тренерот на Вардар, Стевче Алушовски.
Во вториот полуфинален меч во 19 часот Еурофарм Пелистер ќе се сретне со Бутел, дуел на кој битолскиот клуб важи за голем фаворит. Шансите за титулата на „битолските фармацевти“ се сведени на минимум по убедливиот пораз од Вардар, но куп-трофејот би бил добра утеха и најава за уште поголеми успеси во годините што следат за битолскиот ракометен проект.
„Сите екипи во Купот имаат свои шанси. Првиот натпревар е Бутел и се подготвуваме за тој натпревар, па потоа ќе видиме што ќе биде. Секако дека гледаме шанса во Купот, квалитетна екипа сме, добро работиме и се подготвуваме и ќе видиме што ќе донесе „фајнал-фор“ турнирот. Сите клубови имаа проблеми со ковид-19, нè стигнаа и повреди и не бевме комплетни баш кога требаше да бидеме вистински. Многу се радувам што сме комплетни и тренираме цела екипа. Добро ќе се подготвиме и ќе бидеме силен конкурент на сите ривали и во шампионатот и во Купот. Верувам дека со ангажманот и квалитетот ќе покажеме каков квалитет имаме“, изјави најдобриот ракометар на Еурофарм Пелистер, Стипе Мандалиниќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА