Кога се говори за македонската кошарка неизбежни се две имиња, Работнички и МЗТ Скопје. Двата најголеми кошаркарки бренда во Македонија доминираат на сцената од осамостојувањето со вкупно 22 титули во 27 сезони, секако доколку не ја броиме претходната сезона која заврши без победник. Никола Ферт, Струмица и Фени Индустри се единствените клубови кои успеаа да им се спротивстават на „вечните“, со тоа што кавадарчани беа едиствените кои го направија тоа во последната деценија. Сега, на влезот на новата во Битола се јавува нов моќен тим кој оваа сезона „пустоши“ низ татковината и се наметнува како еден од главните фаворити за титула во оваа рана фаза од натпреварувањето, па се поставува прашањето дали Пелистер може да тргне по стапките на Фени Индустри?
Што претставува Пелистер оваа сезона мислам дека може да се објасни со еден збор – тим. Битолчани потсетуваат на едни од најдобрите состави кои заиграле во мак-баскетот, кога нашите тимови се натпреваруваа во европските натпреварувања, а несоменено еден од најзаслужните за тоа е тренерот Марјан Илиевски. 45-Годишниот стратег кој својата тренерска класа ја докажува уште од 2014 година кога со Лирија заигра во финалето од Купот, а продолжи во Блокотехна со која ја освои БИБЛ лигата и играше куп-финале, сега продолжува да импресионира и на клупата на битолчани.
Она што ги краси тимовите на Илиевски е тимската хемија која преовладува и во Пелистер. Момците во „зелено-бело“ се одлично „построени“, секој си го знае своето место во ротацијата и улогата на паркетот, а за разлика од некои други сезони, битолчани изобилуваат со „арсенал“. Пелистер е лидерот по просек на постигнати и примени поени, како и асистенции па несомнен е квалитетот на играчите кои постигнаа повеќе од сто поени на првите пет од шест одиграни средби.
Во играта на Пелистер радува тоа што тимот не зависи од еден, два или три играчи, а тоа го докажаа и против „вечните“. Работнички беше совладан во Скопје, додека МЗТ Скопје во Битола, па тоа ни дава дознаење дека следи нешто возбудливо. Правата слика на силите ќе ја видиме во Суперлигата кога ќе бидат одиграни голем број на квалитетни натпревари во кус период, но доколку здравјето ги следи „пелистерци“ поготово во една ваква сезона и те како ќе има што да се праша и тимот од југот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА