Еден од оние клубови кои ја одбележаа сезоната 2020/21 во македонската кошарка несомнено е ТФТ. Тимот кој како дебитант во Првата лига ги помести границите за она што значи новалија и постави нови бариера која во иднина ќе биде само инспирација за сите клубови кои ќе се најдат во елитата во годините кои следат.
Бајката од „земјата на чудата“ за младиот состав од Тафталиџе започна уште во претсеозната кога на пријателскиот натпревар во „Градски Парк“ избраниците на Боро Смилковски успеаја да го совладаат нашиот најтрофеен клуб Работнички. Претсезонски натпревар не е мерило за успешна сезона, но како што вели првиот човек на ТФТ, истиот даде елан за она што следеше.
„Се сеќавам како вчера да беше победата над Работнички во пријателскиот натпревар. Тоа секако не беше мерило на тоа каква ќе биде сезоната, но беше многу голем стимул и билдање на самодоверба кај играчите за да можеме да отвориме добро во сезоната. Сметам дека многу позначајна за нас беше прва победа на домашен терен, а втора во сезоната против Кожув на официјален натпревар на која сфативме дека можеме да се натпреваруваме во оваа лига па дури и со екипите кои се фаворити. Добрата серија на резултати на почетокот и одличната атмосфера си го направија своето па влеговме во некој транс. Многу пат повторив дека од прв ден па се додека ни беше остварена целта, истата беше опстанок во елитата. Година на промоција и етаблирање во прволигашкиот свет и година во која би можеле како организација да се стабилизираме и да поставиме темели од кои ќе се градиме понатаму“, го започна разговорот за ЕКИПА, Боро Смилковски.
Во дебитантската сезона во елитата на македонската кошарка, младиот тим се одлучи да настапи и во БИБЛ лигата каде успешно ја претстави нашата држава. Целта на почетокот на сезоната беше промоција на брендот ТФТ, кој стигна и до Израел, а составот од Тафтлиџе и во следната сезона ќе се бори на овој фронт.
„За нас БИБЛ лигата беше еден непознат свет, но добра прилика да го промовираме тимот. Тоа е некој ентизујазам кој го носиме со себе, што не тера напред за да направиме нешто повеќе од некој друг што направил во моментот. Беше голем залак и не знам дали бевме спремни во моментот кога ја носевме одлуката, но познавајќи се себе си и луѓето кои се околку мене знаев дека кога веќе ја донесовме истата ќе го истераме тоа и организациско и играчко ниво до крај, притоа најдостојно да ја претставиме нашата држава. БИБЛ е огромно искуство пред се во огранизациски план бидејќи сфативме како тоа некаде функционира. Степенот на лигата која што оваа година беше исклучиво висок каде игравме против Хапоел Гилбоа, тим кој оваа сезона три пати го добива Макаби Тел Авив во најсилен состав. Пред некој ден славеа и против Хапоел Еурасалим во плејоф со некои 20 поени разлика. Тоа се клубови од самиот кошаркарски врв, а со нив самата лига се искачи на степен повеќе. Тоа се посериозни и поискусни екипи и сите тие натпревари и целото искуство ни донесе многу. Стремејќи се кон нашата амбиција да стигнеме на некој повисок степен на натпреварување во Европа во годините кои следат мислам дека не е толку различно од организациски план од врвните лиги зошто фукнционира поразлично од тоа што сме навикнати кај нас во домашното првенство. Во секој случај едно позитивно искуство, а баш и затоа се одлучивме повторно да настапуваме во оваа лига“
Фактор кој влијаеше во успехот на ТФТ на домашното тло беше токму настапот во БИБЛ лигата со кој се одржа континуитетот и натпреварувачкиот ритам во бројните одложувања на домашната сцена предизвикани од пандемијата на коронавирус.
За споредба, на крајот на декември и почетокот на јануари кога ТФТ врза седум победи во осум натпревари, притоа совладувајќи ги Гостивар, финалистот Еуро Никел, лидерот на регуларниот дел Пелистер и Куманово, останатите клубови одиграа помал број на натпревари во поголема временска разлика.
„Натпреварите од БИБЛ лигата на долгорочен план ни донесоа многу бидејќи одигравме голем број на квалитетни натпревари во текот на сезоната, а и одржувавме натпреварувачки ритам кој поради пандемијата во тие моменти кај многу екипи недостигаше. Можеби и затоа во даден дел од првенството, некаде во финишот на декември и почетокот на јануари можеби бевме и најдобрата екипа во нашата лига“
ТФТ регуларниот дел од сезоната ја заврши на седмото место на табелата и со тоа закажа четвртфинален дуел во Купот и превенството против Работнички, натпревари во кои „црно-белите“ и покрај проблемите со повреди беа достоен противник против претендентот за титула.
Успешната дебитантска сезона сега дава уште поголема амбиција за тимот кој постои само три години, а ексклузивно за ЕКИПА, Смилковски открива дека погледите сега се насочени кон Европа и натпреварувањата на ФИБА и покрај тоа што овој план е во раната фаза од неговата реализација.
„Излез во уште едно интернационално натпреварување е нешто што во моментов ни годи. Тоа е апсолутно еден голем предизвик. Размислуваме на таа тема и мислам дека доколку се одлучиме за тоа и се подготвиме мислам дека имаме и голема можност бидејќи и во претходните години до нашата федерација беа испратени покани од страна на ФИБА, но за жал ниеден наш клуб не се одлучи да настапи во тие првенства. Мислам дека тоа повторно тоа би било еден голем залак за нас, меѓутоа апсолутно предизвикот што тоа би значело за еден мал клуб како нас да ја претставува државата во едно сериозно кошаркарско натпреварување. Постои мал страв, но мислам дека ќе го надмине тој страв и што се однесува до нас, ние ќе донесеме одлука и ќе ги искористиме сите логистички и официјални мерки за да пристапиме во официјално аплицирање за да бидеме во ФИБА Еврокупот следната сезона или барем во квалификациската фаза од истото“
ТФТ веќе го составува тимот за следната сезона, костурот е задаржан со домашните играчи каде покрај младите остануваат и Нури, Николов, Наумоски и Сапунџиев, продолжени се договорите со Смит, Хортон и Бејли, се чекаат одговорите на Андерсон и Харис, а договорена е соработка со странците Џон и Моринг и младиот Ташовски.
„Свесни сме за тоа дека поставивме голема граница во однос на следната сезона и тоа го потенциравме во текот на претходната сезона бидејќи добрите резултати кои можеби и не ги очекувавме се обврска дека мораме многу посериозно да се пристапи кон понатамошниот дел, бидејќи веќе направивме доста и се останато ќе изгледаше дека било само моментален импулс, а не се сведувало на голем труд, желба и енергија во текот на целата сезона. За годината што следи нашите амбиции можеби ќе пораснат со тоа што сакаме повторно да бидеме дел од Суперлигата или плејоф фазата дома и достојно прествување во БИБЛ, и евентуално во европското натпреварување. Се обидовме да го задржиме поголемиот дел од костурот на тимот за следната сезона, ги продолживме договорите со неколку домашни играчи, со неколку странци, од неколку чекаме и одговори, а веќе и ангажиравме домашно, но и странски засилувања. Составуваме тим според потребите и амбициите и ќе продолжиме да бидеме активни на македонскиот пазар. Сепак ова е спорт и е жива материја и се надевам дека ќе искочи некој нов ТФТ кој ќе изненади и ќе им ги помеша сметките на доста клубови, сметајќи го и нашиот. Сметам дека од аспект на стабилизација и организација сигурно ќе прогресираме со 100 отсто. Ни фали да изодиме уште мал дел од патот за формирање на стабилен европски клуб во сите степени на организација“
Доколку ТФТ успее да избори излез во Еврокупот на ФИБА, „црно-белите“ ќе треба да настапат на три натпреварувања во иста сезона, нешто што во последната деценија им успеа само на МЗТ Скопје и Карпош Соколи кои беа „поштедени“ во регуларниот дел од сезоната. Каква ќе биде разврската со ТФТ е непознато, како што вели и Смилковски сеуште нема ниту разговори со федерацијата, но дефинитивно отпаѓа идејата за два состави, еден за домашно тло, а друг за интернационани натпревари.
„Лично сметам дека во моментот немаме капацитет за да направиме тим кој би се натпреварувал на домашната сцена и друг тим кој би се натпреварувал на интернационалната сцена, но ќе ја искористиме можноста за ангажман на максимално поширок ростер. Еден од најголемите предизвици во таа полза ќе биде усогласувањето на сите термини за овие натпреварувања, но претпоставувам дека во вакви професионални организации постои регулатива која дефинитно ќе утврди усогласување на календарот. Сеуште немаме ни разговрано со нашата федерација за идејата на тоа да настпуваме во две регионални натпреварувања и што тоа би значело, сеуште сме во дел на планирање и ќе знаеме поконкретно во периодот кој следи“
Во интервјуто на ЕКИПА на почетокот на сезоната, Смилковски најави нов домашен терен за престојната сезона во СЦ „Форца“ и женски состав. Преговорите со центарот се на добар пат и со сигурност ТФТ ќе настапува на домашно тло, но дефинитивно за оваа сезона отпаѓа планот за женската екипа. Како што вели првиот човек на ТФТ примарната цел за четвртата година од постоењето ќе бидат машкиот состав и младинската школа.
„Постигнат е иницијален договор за соработка со центарот „Форца“ за играње на натпреварите од домашната лига во Тафталиџе што сите знаеме што ќе значи за спортот во оваа населба. Договорено е да се помине потребната инспекција со комесарот и се надевам дека се ќе помине во најдобар план. Целта ни е дa ja реновираме салата и да ја брендираме во брендот на ТФТ. Да ставиме нови кошеви, нов семафор и за тоа ќе се обврземе во оф-сезоната“
„Околку женскиот клуб да бидам искрен идејата за формирање на женски клуб сеуште трае, но приоритетите се малку сменети со оглед на тоа што фаќаме поголем замав со првиот тим на ТФТ. Во моментот фокусот ни е ставен кон младите и формиање на ТФТ академија и младинските селекции нешто што ќе се случува од септември. Идејата за женски клуб останува, но во моментов е на трето место. Мораме да бидеме реални, за тоа е потребно логистика која што треба да се изработи па повеќе инфорамции би имале подоцна“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА