ПОД ОБРАЧ со Ѓорѓи Кочов: За европскиот успех на Кемниц кој започна од Скопје, системот кој му е потребен на мак-баскетот!

Ѓорѓи Кочов, еден од најдобрите и најперспективните македонски стратези веќе четири години со успех работи во германскиот клуб Кемниц кој бележи рапиден раст од сезона во сезона, започнувајќи од стабилизација во Бундеслигата до излез на интернационалната сцена и напредок од ниво до ниво.

Интересно, Кемниц за прв пат во историјата на европската сцена настапи токму во Скопје во квалификациите за ФИБА Лигата на Шампиони во организација на ТФТ. Четири години подоцна германскиот клуб ќе игра во второто по ранг натпреварување во кошаркарска Европа – Еврокупот во кој по подолго време Македонија одново ќе има претставник во поранешниот стратег на Вардар и МЗТ Скопје.

Во разговор за ЕКИПА, македонскиот тренер ни открива како е да се биде дел од еден амбициозен клуб, на што се должи успехот, долгогодишниот план и амбициите за иднината, што можеме да научиме од Германците, а се осврна и на случувањата во мак-баскетот.

„Да се биде дел од клуб како Кемниц, кој не само што има амбиции, туку и реално напредува од сезона во сезона, е навистина инспиративно. Искрено, тоа е едно од највредните искуства во мојата тренерска кариера. Станува збор за систем во кој секој – од раководството до играчите и стручниот штаб – верува во заедничката визија. Тука не се брза, туку секој чекор е внимателно испланиран. Тоа ми овозможи и мене како тренер да растам, да учам и активно да придонесувам во еден здрав и стабилен спортски систем“, вели Кочов.

На што се должи успехот и постојаниот напредок на Кемниц како клуб?

„Клучот е во континуитетот и јасната стратегија. Клубот има долгорочна визија и не се прават панични потези по еден или два слаби натпревари. Работата се базира на стабилна структура, добар скаутинг и фокус на карактерот на играчите, не само на нивниот талент. Дополнително, се создава амбиент во кој играчите сакаат да напредуваат – и на терен и надвор од него. Тоа создава тим кој е конкурентен, дисциплиниран и гладен за резултати“

фото: Chemnitz/Ernesto Uhlmann

Кочов се приклучи на Кемниц во сезоната 2021/22, која беше втора за клубот во Бундеслигата. Веќе во првата сезона беше осигурано место во плеј-офот и полуфиналето на Купот, а потоа следеше излез на интернационалната сцена со две успешни сезони во ФИБА Еврокупот – освоена шампионска титула во сезоната 2023/24, па настап во Лигата на Шампиони и сега претстојниот Еврокуп.

„Искрено, не очекував дека растот ќе биде толку брз. Но уште од првиот ден беше јасно дека постои план. Тимот работеше со визија од 3 до 5 години, со конкретни цели: стабилизација во Бундеслигата, создавање конкурентен ростер и постепено излегување на европска сцена. Следната цел е јасна – стабилност во Еврокупот и градење на идентитет по кој ќе бидеме препознатливи на тоа ниво. Тоа бара трпение и многу работа, но сме на добар пат“, открива македонскиот стратег.

Јасно е дека Германците не само што се враќаат на кошаркарската мапа, туку тука се со цел и владеат. Бундеслигата од година во година бележи значителен напредок и е се поблиску до едно од најсилните домашни првенства во Европа, се појавуваат нови клубови кои „замрсуваат сметки“ во домашното првенство, а и се поголем број на клубови настапуваат на интернационалната сцена. Што можеме да научиме од нив?

„Прво и основно мора да се подобри структурата. Тука секој клуб, без оглед на големината, функционира според професионални стандарди. Второ – инфраструктурата. Младите имаат пристап до сали, услови, стручни лица. И трето – третманот кон тренерите: вложувања во нивната едукација и кариерен развој. Во Македонија имаме квалитетни луѓе, но ни недостига систем што ќе ги задржи и ќе им овозможи развој. Потребни се планирање, трпение и доследност, а не импровизации и краткорочни решенија“

фото: Роберт Спасовски (ЕКИПА)

Кочов пред успешната тренерска кариера во која го предводеше МЗТ Скопје до титула на домашната сцена и финале во АБА2 лигата беше и успешен кошаркар со двоцифрен број на освоени трофеи во мак-баскетот па има и големо лично искуство за огромниот проблем со кој се соочува мак-баскетот, а тоа е падот на квалитетот.

„Следам колку што можам и навистина ми е жал што квалитетот опаѓа. Проблемот не се сведува само на финансиите, туку и на концептот. Често се менуваат тренери, премалку се вложува во млади, а фокусот најчесто е само на резултатот. Потребен е јасен план, стабилна лига со јасни правила и поддршка на клубовите што создаваат играчи, а не само трошат. Имаме потенцијал, но мора да го негуваме и развиваме преку правилен и модерен тренинг, каде акцентот секогаш ќе биде на унапредување на основите на секој поединец. Клубовите се тие што создаваат играчи, не репрезентацијата и затоа тие имаат и дополнителна морална обврска да го прифатат тоа, бидејќи речиси сите клубови, повеќе или помалку се финансирани од јавни средства“

Македонската кошарка се наоѓа во турболентен период со огромна смена кога е во прашање машката сениорска репрезентација. По превземањето на „куќата на кошарката“ од новото раководство, доживеавме промена на целиот стручен штаб и сериозни промени во играчкиот кадар.

фото: Роберт Спасовски (ЕКИПА)

Репрезентацијата не е непозната за Кочов бидејќи две години беше дел од стручниот штаб па го даде своето мислење за целата ситуација и тоа што е најпотребно на македонската репрезентативна кошарка – формирање на претпознатлив систем на натпреварување.

„Секоја фаза има свои предизвици, но и свои можности. Подмладувањето е неизбежно, но мора да биде внимателно испланирано и поддржано. Имаме талентирани млади играчи, но тие мора да добијат доверба и вистински шанси. Репрезентацијата не е само за моментален резултат таа треба да биде огледало на системот“ вели Кочов и предложува:

„Лично сметам дека треба да се воспостави систем во кој сите селекции од М16 до сениорската А-селекција ќе тренираат и ќе играат според ист концепт и идентичен систем на игра. Како држава мора да изградиме идентитет и стил на игра по кој ќе бидеме препознатливи. Не можам постојано да слушам дека „немаме играчи“, мислам дека тоа не е точно, ниту е фер. Секогаш имало и ќе има таленти. Прашањето е како ги третираме тие играчи, дали им даваме фер шанса за развој.

Мислам дека во моментов не сме во најдобра ситуација, бидејќи подмладувањето се случи под притисок, што и онака беше неминовно, бидејќи многу од досегашните носители се веќе во поодминати години. Сметам дека актуелниот стручен штаб на репрезентацијата заслужува целосна поддршка и помош од сите нас. Имаат многу работа пред себе, но уверен сум дека ќе ги придвижат работите во позитивна насока. На крајот ќе повторам – клубовите се тие што создаваат играчи. Без меѓусебна поддршка и соработка помеѓу репрезентацијата и клубовите, резултати нема да има“

Се вчитува...