ПОД ОБРАЧ – Владимир Ѓоровиќ: За ваучерите, платите, образованието…

Кога говориме за женската кошарка во Македонија неизбежно е името Владимир Ѓоровиќ. Актуелен селектор на сениорската репрезентација, воедно и тренер кој што има освоено бројни трофеи во младинските конкуренции со „својот“ клуб од Струга, воедно е една од најголемите конкуренции на големите клубови во Македонија. Неговото искуство, пред се’ во младинската кошарка го прави одличен соговорник за откривање на проблемите со кои се соочува женската кошарка во Македонија.

„Условите на женската кошарка во Македонија не се на добро ниво. Најголемиот проблем е финансирањето на клубовите кое е решено преку доделување на ваучери на АМС, но наплатата оди потешко. Всушност потребно е да се најде фирма која плаќа данок на дополнителна добивка и потоа во некој процент наместо данок на државата се одвојува за спортот. Полесно би било доколку самите клубови тоа го добиваат директно. Тие средства кои фирмите ги плаќаат како данок на дополнителна добивка, некако директно да се плаќаат на сметките на клубовите. Уште еден доста голем проблем е инфраструктурата, односно недоволната развиеност на истата во поглед на салите и условите во кои се тренира. Имаме ладни сали, а притоа добиваме и неповолни термини за тренирање кои се поклопуваат со обврските кои девојките ги имаат во однос на школо, факултет, итн…“ – го започнува разговорот Ѓоровиќ за ЕКИПА.

Во женската кошарка постои голема разлика помеѓу клубовите, имаме клубови кои што се доминантни и бележат добри резултати, меѓутоа истото не треба да ги обесхрабри и останатите, кои треба да следат еден „добитен рецепт“…

„Големата разлика се јавува во однос на годините на кошаркарките во самите клубови. Новите клубови кои се влезени во натпреварувањето имаат кошаркарки од кадетска или јуниорска возраст и самото тоа придонесува да дојде до таа разлика. Моменталната состојба е така, меѓутоа и кај овие клубови потребно е трпение и добра работа со која што и овие кошаркарки ќе созреат и ќе бидат конкурентни, па и рамноправно ќе се натпреваруваат со останатите тимови понатаму“ – продолжува еден од најдобрите тренери во младинските категории.

Во Првата лига оваа сезона имаме голем број на млади кошаркарки кои добиваат шанса на „големата сцена“, додека бројот на оние кои се родени пред 2000 година е навистина скромен, само 30, на што се должи истото?

„Малиот број на кошаркарки постари од 20 години се должи на тоа што клубовите не се доволно моќни да по школувањето и завршувањето на факултет, им овозможат добри услови на кошаркарките, пред се’, финансиски, кои ќе бидат слични како они кои што ги имаат со работа во својата струка. Едноставно за да ги задржиме потребно е тие да бидат добро платени, осигурани па и подолго да останат во кошарката. Сепак, од друг аспект тоа отвара шанса за влез на други кошаркарки на сцената“ – открива стратегот на Струга 2009.

Неговата посветеност не остана незабележана, напротив, 43-годишниот стратег доби шанса да ја предводи Македонија во квалификациите за Европското првенство во кои забележавме поконкуретна игра во однос на минатото…

„Подобрувањето кај женската репрезентативна кошарка е во тоа што одредни кошаркарки се појавија на подготовките и одиграа на квалификацискиот прозорец во Рига. Секако, покрај тоа е и подобрата организација која што ја имавме со федерацијата при што поминавме седум дена карантин при препремите во Охрид, а потоа уште седум во Рига. Со тоа се создаде подобра атмосфера, а и подобра хемија во тимот што се одрази и на резултатот“ – додава Ѓоровиќ.

За правило созревање потребно е време, да се оди чекор по чекор, меѓутоа треба да се согледа и реалноста.

„Целта на репрезентацијата е и во следниот прозорец  да продолжиме со добрата игра и да приредиме добри партии. Се надевам дека ќе настапиме во ист или во уште подобар состав. Покрај тоа ќе се обидеме исто како и претходно да промовираме млади кошаркарки кои во блиска иднина ќе бидат носителки на репрезентацијата. За мене во сето ова најбитно е полека да се враќа дражта за настап во репрезентацијата и да се подобрат самите релации. Се надевам дека доколку ги исполниме сите овие претходно наведени работи, во наредниот циклус ние би можеле да забележиме победа во зависност од квалитетот на противниците, па зошто да не направиме и некое изненадување. Лошо е тоа што не постојат повеќе оние медитерански или балкански игри, туку само квалификациите и немаме доволно натпревари за припрема. Сепак, ние работиме во тој поглед и за во јуни имавме закажано четири пријателски средби со Црна Гора, а и две со репрезентацијата на Ирска која требаше да настапи на турнирот за мали држави. За жал ситуацијата предизвикана од коронавирусот ги одложи истите, меѓутоа ќе се обидеме да закажеме нови средби за следното лето“ – дециден е селекторот.

Како за крај, што би им препорачале на младите кошаркарки?

„Младите кошаркарки би ги советувал да бидат посветени. Кошарката да ја стават на второ место по образованието и да намалат со користење на телефони и социјални мрежи кои ги оддалечуваат од тренинг. Да вложуваат во себе, без оглед на тоа какви услови имаат клубовите во кои настапуваат. Тие секогаш можат да вложуваат труд за себе, а бенефитот од тоа ќе си дојде сам по себе“ – завршува Владимир Ѓоровиќ.

Се вчитува...