ПОД ОБРАЧ: За тоа каде е македонската кошарка не се виновни само Пеце и Перо…

Марио Диванисов

Зад македонската кошаркарска репрезентација се успешни претквалификации за едно светско првенство. За разлика од пред четири години кога се сопнавме на првата пречка, па потоа го допревме дното, овојпат „црвено-жолтите“ одговорија на предизвикот и го минаа првото скалило на патот до СП. Успехот е уште поголем ако се земе во предвид ростерот со кој настапи Македонија во овие претквалификации во Скопје, покажувајќи дека недостигот на квалитетот може да биде надополнет со фанатична борбеност.

Со освојувањето на првата позиција на табелата поради подобрата кош-разлика, Македонија успеа да се избори и за историски квалификации за Светско првенство, но тоа не значи дека македонската кошарка се враќа на големата сцена. Единствено за работите да тргнат во подобар правец мораме да признаеме на кое ниво се наоѓа нашата кошарка – дека таа е во рангот на претквaлификаци, а само доколку ги согледаме проблемите и тргнеме храбро да ги решаваме, само така ќе излеземе како победници.

Ова лето репрезентацијата се соочи со откажувања, што е нормално, отсекогаш било и секогаш ќе биде. Не е тоа проблем само на Македонија – така е во сите репрезентации, но нашите проблеми се далеку подлабоки од неиграњето на неколку кошаркари.

Главниот проблем со кој се соочува македонската кошарка во смената на генерации е немањето доволно играчи од пет генерации (1990-1995) кои треба да го донесат искуството за кое постојано се говори кога е во прашање мак-баскетот. Генерациите 1990, 1991 и 1994 немаат кошаркар во репрезентаија, од генерацијата 1992 изминативе денови настапи само Горјан Марковски, од генерацијата 1993 – Бобан Стајиќ, а претставник на 1995 е Адем Мекиќ.

За тоа не се виновни ниту Перо Антиќ ниту неговиот претходник Петар Наумоски, туку оние пред нив, кои не го искористија моментот на „литванската слава“ и дозволија кошарката експресно да падне од пиедесталот на „Спорт број 1 во Македонија“. Наместо тогаш да се доживее кошаркарска експанзија, бевме сведоци на овие загубени генерации, чии последици најсилно ги чувствуваме токму во последните неколку години.

Фактот дека од пет генерации имаме само три кошаркари е поразителен за репрезентативната, но и за клупската кошарка. Затоа треба да се засукаат ракавите за вакви работи да не се повторат и да се работи понатаму со оние кои следат, а ако има светло на крајот на тунелот е тоа што по овие генерации следат момци кои имаат голем потенцијал, но во ниеден случај не смеат да се заборават ниту во клупската кошарка доколку сакаме во следните четири, пет, шест години да се вратиме на едно Европско првенство.


Претквалификациите кои беа одиграни изминативе денови ни дадоа еден јасен поглед на тоа кои се предностите и недостатоците на репрезентацијата. Фактот дека само на еден натпревар успеавме да ја надминеме границата на 70 постигнати поени воопшто не охрабрува. Нашиот напад често знаеше да биде конфузен и да нема алтернатива и адекватно решение на поставената одбрана на противникот, но предноста која можевме да ја видиме во СЦ „Јане Сандански“ е играта во одбрана и „гинењето“ за националните бои.

Наклон до под момци за залагањето и борбеноста во текот на четирите натпревари во изминатата седмица. Жртвувањето во одбраната и „гинењето“ за секоја топка е нешто по што ќе бидат запомнети Крстевски, Стајиќ, Николов, Андоновски, Марковски, Робев, Магдевски, Мекиќ, Трајковски, Симиќ, Вајли, Ефемовски и Миловановиќ по овој турнир, а се надевам дека нивниот пример во иднина ќе го следат и оние кои допрва доаѓаат.


Раководството на кошаркарската репрезентација во својот мандат имаше многу грешки, но една од нив не е Драган Бајиќ. Новиот селектор на Македонија ја превзема нашата репрезентација во крајно компликувана ситуација и одговори на предизвикот, притоа вадејќи го најдоброто од оние кои ги имаше на располагање.

Тој и самиот пред турнирот призна дека „од овие дванаесет играчи, десетина не би биле на списокот ако Македонија беше комплетна“, но успеа да го извлече максимумот и да го направи првиот чекор напред. Оние следните ќе бидат потешки, но не и невозможни под водство на овој стратег. Затоа тој треба ја добие долгогодишна поддшка и да започне со воведување на репрезентативците до 20 и 18 години во системот.

Македонската кошарка е светлосни години оддалечена од 2011 година и Литванија, а враќањето на мак-баскетот на големата сцена не е нешто што може да се случи преку ноќ, потребни се години, потребно е залагање и адекватна работа на сите поврзани во овој спорт започнувајќи од новинари, кошаркари, тренери, функционери… Редно е кошаркарска Македонија да застане на иста страна бидејќи сите сакаме да ја гледаме нашата репрезентација на врвот на Европа.


Антиќ и неговите соработници не се директни виновници за актуелната состојба на репрезентативната сцена, но како предводници на федерацијата нивна обврска е да преземат мерки и чекори за нејзино подобрување. Нека се почне од почеток, од инфраструктурата –  бидејќи и самите тие знаат колку работи се променети од кога и самите „тропаа“ со топките по нашите спортски сали, а имаат и доволно стекнато искуство во својата кариера да знаат колкаво е значењето на топла сала, не само за натпревар, туку и за тренинг. Насекаде во Европа нормална работа, само во мак-баскетот „мисловна именка“.

Притоа неопходна е промена во системот на натпреварување во Првата лига бидејќи македонската кошарка нема најмалку 108 квалитетни Македонци кои ќе ги составуваат тимовите, особено во една ситуација кога имаме лига со само 16 кошаркари од шест генерации (1990-96). Едноставно добиваме квантитет, а го губиме квалитетот и тоа не е во полза на македонската кошарка.

Ако се сака квалитет, лигата ќе мора да се скрати, и тоа решително, не на десет туку на осум клуба. Само на тој начин ќе се собере квалитетот на едно место, а со четирикружен систем ќе добиеме 28 квалитетни натпревари од рангот на сегашната Суперлига… и воопшто и не е срамно да се има силна втора лига од каде што прволигашите ќе црпат таленти.

Проблемот е јасен, помалку прволигаши, помали ваучери – повеќе незадоволни екипи, поголема опасност за смена на раководството. Сепак, овде говориме за врвен прволигашки спорт, а кога веќе лигата беше проширена од корона-причини, сега треба што поскоро да се намали.

Затоа – треба да се појави „Че Гевара“, да се завземе став и да се застане зад него без разлика на се. Јасно е дека никогаш нема да може да се задоволи сечиј вкус, но не смее да се попушти кога се работи за доброто на мак-баксетот.

Се вчитува...