Игор Јакимовски го освои бронзениот медал на трката на 1.500 метри на Балканското првенство за ветерани кое во моментов се одржува Белград, Србија.
Во конкуренција на 50 атлетичари во оваа дисциплина, на крајот Јакимовски истрча со време од 4:29.54 минути, трето зад Шуман од БиХ и Копривица од Црна Гора. Но, бронзата на македонскиот атлетичар не е признаена под притисок на Грчката атлетска федерација која барала Јакимовски да биде сместен надвор од конкуренција затоа што, пак, Атлетската федерација на Македонија не е членка на Балканската атлетска федерација на ветерани.
„Мојата цел беше да освојам медал. И успеав во тоа. Но, под голем притисок на Грците кон организаторот бев ставен да трчам во категорија ‘Надвор од конкуренција’ бидејќи Македонија не била членка на некоја си Балканска асоцијација на ветерани. Па, така на крајот Грк си замина на пиедесталот да го добие бронзениот медал, кој пак кога го примаше медалот, онака наводно изненаден, се правдаше и ми објаснуваше дека е целосно изненаден. Но, јас морално и спортски сум трет, и затоа добив силна поддршка од сите во Белград. Мојата совест е спортски чиста, горд на постигнатото“ – истакна Јакимовски по трката, кој денеска треба да настапи и на трката на 3.000 метри.
Во секој случај, и наспроти притисокот од Грците, дополнително останува знакот прашалник и за Атлетската федерација на Македонија која ете зачудувачки воопшто не се потрудила да биде дел од Балканската атлетска федерација за ветерани. И покрај желбата на македонските атлетичари да учествуваат на натпреварувањата под капата на Балканската федерација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА