„Под Тумбе кафе“ во историја – Од денеска стадионот во Битола се вика „Петар Милошевски“

Советот на Општина Битола на својата редовна седница денеска донесе одлука за промена на името на фудбалскиот стадион од „Под Тумбе Кафе“ во Фудбалски стадион „Петар Милошевски“.

По иницијативата на Група граѓани и членови на ветераните на ФК Пелистер, од денеска легендарниот „Под Тумбе кафе“, сега и во свое ново руво по реконструкцијата, ќе го носи името на македонскиот фудбалски великан – легендарниот голман Петар Милошевски, кој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во март 2014 година.

„Со вредностите, кариерата и своите човечки и спортски дела, нашиот Петар заслужува култниот стадион каде ги направи првите чекори да го носи неговот име. Како симбол на цела генерација која одбележа една ера во македонскиот фудбал, сметаме дека преименувањето на стадионот е само мал чекор како на младите да им порачаме да го следат неговиот развоен фудбалски пат. Иницијатива за именување на стадионот по нашиот Петар постои индивидуално, меѓу навивачите, по социјалните мрежи, но овојпат сакаме како ветерани и пријатели на Петар и неговото семејство да предложиме официјално преименување на стадионот во Битола“ – се вели во барањето на членовите на ветераните на ФК Пелистер, кои ја стартуваа иницијативата за ново има на битолскиот стадион.

Богатата спортска кариера на Петар Милошевски почна во Битола во 1989 година како голман на ФК Пелистер се до 1997 година, а потоа настапуваше и во Вардар, во турските екипи Трабзонспор, Малатјаспор и Акчабат Себатспор, а кариерата како активен голман ја заврши на Кипар како член на Еносис Неон. Беше и директор на Фудбалската федерација на Македонија пред трагичниот настан во март 2014 година.

Се вчитува...