Аталанта го осигура првото засилување за јануарскиот преоден рок откако постигна целосен договор со Сасуоло за трансферот на Џереми Бога.
Брозоногиот крилен офанзивец беше желба на Аталанта и во текот на летото, но челниците на Сасуоло тогаш одбија да го продадат овој фудбалер. Ситуацијата се промени откако тој не беше стандарден во првиот дел од сезоната, одигрувајќи само 211 минути во изминатите месеци.
Сасуоло даде зелено светло за трансфер, а Аталанта експресно реагираше, договарајќи ги условите. Тимот од Бергамо ќе плати 21 милион евра за Бога, кој в понеделник ќе пристигне во Бергамо и по задолжителните лекарски прегледи ќе го стави потписот на договорот со Аталанта. Новото засилување сепак ќе почека за деби за Аталанта, со оглед на фактот дека веднаш ќе замине на подготовки за Купот на африкански нации, каде ќе ги брани боите на Брегот на слоновата коска.
Доаѓањето на овој фудбалер би требало да значи и заминување на Муриел, откако колумбискиот напаѓач се погласно се жали на премалата минутажа што ја добива кај тренерот Гасперини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА