Притисокот врз Ерик тен Хаг повторно е огромен откако Манчестер Јунајтед загуби на гостувањето против Копенхаген, сведувајќи ги на минимум шансите за пласман во осминафиналето.
Навивачите се погласно бараат од управата да му врачи отказ на Ерик тен Хаг, но клупската легенда Рио Фердинанд застана во одбрана на холандскиот стручњак. Според поранешниот дефанзивец, нова тренерска смена нема да донесе ништо добро за „црвените ѓаволи“.
„Секако резултатот е многу лош и го става тимот во незгодна ситуација во Лигата на Шампионите. Сепак, мислам дека Јунајтед не треба да прави тренерска смена, напротив, треба јавно да му се искаже поддршка на Тен Хаг. Знам дека често се случува тренерите да добијат откази во втората или третата година во клубот, знам дека Јунајтед го прави тоа со години, едноставно е – досега овие откази не вродија со плод, затоа и верувам дека Тен Хаг треба да остане и да добие уште време за да го спроведе она што го замислил. Реалност е и дека нема среќа со повредите сезонава“, истакна Рио Фердинанд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА