Болоња утре ќе му гостува на лидерот Милан, дуел за кој на клупата на „болоњезите“ нема да може да седи Синиша Михајловиќ. Српскиот стратег неодамна ја шокираше јавноста со објавата дека тешката болест пак му се вратила и мора да замине на лечење во болница, а поддршка до Михајловиќ стигнува од сите страни, за повторно да излезе како победник од тешката битка.
Стратегот на Милан, Стефано Пиоли, на денешната прес-конференција јавно му порача на Михајловиќ дека со нетрпение ја очекува нивната наредна средба.
„Искрено жалам што ќе го нема Синиша на клупата на Болоња. Сепак, сигурен сум дека наскоро ќе го видам повторно, тој веќе покажа дека е лав, дека може да се соочи со најсериозни можни проблеми и да ја победи болеста. Видовме како преку видео-повик комуницира со екипата, не се сомневаме дека фудбалерите ќе изгинат на терен играјќи за него. Затоа, ние ќе мораме да бидеме на висина на задачата ако сакаме да стигнеме до посакуваниот триумф“, изјави Пиоли.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА