Поделени мислења околу поништениот гол на Реал Мадрид: „Ова не е фудбал, ова е лудост“

Реал Мадрид синоќа славеше со 0-1 против Лајпциг на гостувањето во Германија, и така со минимална предност оди на ревнашот на „Бернабе“ во 1/8 финалето во Лигата на шампионите.

Сепак, се можеше да биде поинаку ако не беше поништен голот на Бенјамин Шешко од Лајпциг во првите минути од средбата. Словенецот не беше во офсајд, но спорен е неговиот соиграч Хенрикс кој беше зад голманот Лунин.

Поделени се мислењата околу офсајдот. За едни чист погодок, за други правилна одлука. Одлуката ја коментираше легендарниот поранешен шпански судија Матеу Лахоз.

„Ова не е фудбал, ова е лудост. Судијата на теренот може да згреши, но ВАР е тука да го поправи. Да бидеме искрени, голот на Лајпциг требаше да биде признат. Можеме да го „вртиме“ како сакаме, но нема вистинско влијание врз играта“, изјави Лахоз коментирајќи го мечот.

Со него не се сложува поранешниот италијански судија Грациано Чезари. Ваква слична ситуација имаше и на дуелот Рома – Интер, па Чезари објасни.

„Одлична, врвна одлука на судиите. Со право поништен голот на Шешко. Играчот на Лајпциг го турка голманот на Реал и тоа е поентата на целата ситуација. Тој има контакт и му пречи, се активирал и учествува во акцијата. Не знаеме дали Лунин би стигнал до топката, без разлика што оди на друг играч, што значи дека одлуката е вистинска. Ова не е исто како на мечот Рома – Интер. Таму играчот не му пречеше на голманот“, изјави Чезари.

Со поништениот гол се сложува и поранешната легенда на францускиот фудбал Тјери Анри. Анри смета дека голот е оправдано поништен.

Се вчитува...