Подемите и падовите во тренерската кариера на Оле Гунар Солскјер

Кога ќе се отпушти врвен стратег како Жозе Мурињо, а на негово место ќе биде доведен Оле Гунар Солскјер, човек не може а да не се запраша колку е во право управата на Манчестер јунајтед со рокадата извршена во изминатите 24 часа. Ако заминувањето на Португалецот почна да се смета како неопходен чекор поради слабите игри и резултати, тогаш сериозен сомнеж оправдано постои околу изборот на негов наследник, со оглед на фактот дека Солскјер во својата тренерска кариера има скромни резултати, а најголем успех му се две титули во норвешкиот шампионат.

Норвешкиот голгетер својот прв тренерски ангажман го имаше во 2008 година, една година по завршувањето на тренерската кариера. Тој работеше во У23 екипата на Манчестер јунајтед, со која бележеше солидни резултати до 2010 година, кога си замина од „островот“ и се врати во татковината, на клупата на Молде. Престојот во овој клуб му е успешен, во 2011 и во 2012 година стигна до титулите, а во 2013 година се закити со трофејот во Купот на Норвешка, по што Солскјер реши да се врати во Премиер-лигата и во 2014 година седна на клупата на Кардиф.

Тој го водеше велшкиот клуб на вкупно 30 натпревари, бележејќи девет победи, пет реми и 16 порази, а Кардиф испадна од елитното друштво. Следеше враќање назад во Молде, на 21 октомври 2015 година. Втората авантура на чело на овој клуб не е ниту приближно успешна како првата, Молде не стигнува до ниту еден трофеј, а најголем успех му е влезот во 1/16финалето од Лигата на Европа во 2015 година, кога беше елиминиран од Севилја. Тој неодамна потпиша нов договор со норвешкиот клуб до 2021 година, но во истиот имаше клаузула што му овозможува заминување доколку добие понуда од Манчестер јунајтед.

Колку и да звучело нереално во моментот на потписот на договорот, ситуацијата се промени по заминувањето на Мурињо, па Солскјер експресно се договори со својот поранешен клуб. Јасно е дека Норвежанецот добива идеална шанса да се докаже во врвен клуб, но ризикот е врз „црвените ѓаволи“, ако не се најде излез од кризата тимот воопшто да не обезбеди излез во фудбалска Европа како допирање на дното по големиот пад на најтрофејниот англиски клуб.

Се вчитува...