Македонската одбојкарска репрезентација со утрешниот натпревар против Унгарија го стартува квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство 2019 кое следната година во септември ќе се одржи во Франција, Холандија, Белгија и Словенија.
Македонија е пред историска шанса за остварување на сонот – пласман на ЕП на кое за првпат следната година ќе учествуваат 24 европски селекции.
Македонските одбојкари во квалификациската група Ф се со Унгарија, Украина и Швајцарија. Од утре па до 25. август ќе се одиграат првите четири квалификациски кола, а последните два натпревари се закажани за јануари следната година.
„Не сакам да зацртувам однапред некои цели за пласман на ЕП. Сакам да размислувам од натпревар за натпревар. Но, мора да кажам дека ова е навистина историска наша шанса за огромен успех и пласман на Европско првенство. Повеќе од 13 години сум дел од националниот тим па мислам дека e дојден момент за вистински успех на интернационалната сцена“ – вели најдобриот македонски одбојкар, Никола Ѓорѓиев, притоа дополнувајќи:
„Не чека тешка квалификациска група. Не сакаме да си создаваме некој посебен притисок, но и на утрешниот натпревар на гости против Унгарија одиме да се надигруваме и да го покажеме нашиот квалитет. Ќе повторам, дека не сакаме да навлегуваме во некакви математики но да играме од натпревар на натпревар“.
На ЕП ќе се пласираат првопласираните осум селекции од секоја квалификациска група, како и петте најдобри второпласирани.
По утрешното гостување во Унгарија, Македонија потоа на 18. август игра дома со Украина, па на 22. август ја пречекува Швајцарија. Последниот натпревар од августовскиот циклус е против Швајцарија на гостински терен на 25. август. Последните два натпревари од квалификациите ги играме против Украина на гости на 5. јануари 2019 и завршуваме дома против Унгарија на 9. јануари следната година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА